За тезата дека ние за во Европа не мора да брзаме, бидејќи во државава се уште не сме подготвени за домашните реформи и дека со нив треба да започнеме, а дури потоа ќе биде полесно, во интервјуто за Слободен Печат, престедателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала смета дека таа изјава е деструктивна и крајно демагошка.
– Самата изјава е деструктивна, таа зборува за еден став, кој е цврст, кој е и ригиден и кој нема да дозволи нашата земја да продлжи напред. Тој став ќе се брани со демагогија. Демагошки е да кажете дека институциите не функционираат, па затоа ние прво ќе се бавиме со институциите а потоа со Европска Унија, потенцира Дерала.
Според него Северна Македонија мора да стане членка на ЕУ, доколку сака да опстане.
– Имаме многу мал, многу тесно отворен прозорец кој со голема брзина се затвора за нашата земја, а тоа е дека Северна Македонија нема да може да продолжи со евро-атлантскиот пат, доколку во најскоро можно време не се откочи процесот.
– Но сепак јас сакам да верувам дека новата Влада ќе има одредени капацитети кој посериозно ќе размисли што навистина може да се направи околу евро-интеграцијата на нашата земја.
– Северна Македонија мора да стане членка на ЕУ ако сака да опстане, а за да стане членка на Унијата таа мора веднаш да го откочи патот затоа што за многу кратко време тој пат не ќе може да го продолжи, заради тоа што долго време се чека тој процес да продолжи со реални, конкретни чекори. Ако не го направиме тоа ќе не престигнат сите соседни држави, ќе не престигне и Украина која е во жестока битка за својата слобода.
Говорејќи за изборите во Европскиот парламент, Дерала потенцира дека ЕУ ќе ја задржи својата определба за брзо ширење.
– Сепак во Европскиот парламент огромно мнозинство имаат демократските сили и мислам дека Европа и Европската Унија ќе ја задржи својата определба за брзо ширење на Унијата, смета Дерала, претседател на ЦИВИЛ.