Околу 445.000 граѓан(к)и имаат проблем да обезбедат храна и во просек имаат по еден оброк во денот! Истовремено, се фрла од 4.500 – 6.500 тони храна со вредност помеѓу 8 и 11,6 милиони евра, која има потенцијал да нахрани околи 13.000 граѓани со по 3 оброка дневно!
Оваа анализа беше презентирана на работниот состанок на претставниците на граѓанската коалиција за овозможување на донирањето на вишоците на храна „Ајде Македонија“, „Македонската платформа за борба против сиромаштија“, „Ретвитни оброк“ и „Вистински дела на љубезност“, со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за финансии Драган Тевдовски, директорот на Националниот демократски институт Крис Хеншоу и претставникот на Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Причината за фрлање на храната лежи во неколкуте законски пречки, како што се одговорност од несакани последици, но и даночните проблеми, при што беше побарано да се воведе едноставна процедура за даночни поттикнувања за оние кои ја донираат храната, да се изготви Владина програма за поддршка на граѓанските организации кои би ја дистрибуирале храната, да се направи список на храна која може да се донира по поминувањето на нејзиниот рок“, се вели во соопштението на МТСП.
Министерката Царовска, ја поздави иницијативата која ја водат овие граѓански организации и најави формирање на работна груа од претставници на институциите и граѓанските организации, за да се операционализираат мерки што би го овозможиле донирањето на вишоците храна и би се помогнало на илјадници социјално загрозени граѓани.
М. И.