Да се потсетиме… 5 мај 2015 – протестот против бруталноста, заврши со бруталност.
Она што започна мирно и достоиствено, со барање правда за загубен млад живот, правда за убиениот Мартин Нешковски, за право на протест, а против насилството, заврши токму со безмилосно тепање, малтретирање и навредување на демострантите, по улиците и парковите на Скопје и на студентите во библиотеката „Браќа Миладиновци“, скандал за кој известуваше ЦИВИЛ Медиа.
Да се потсетиме!
Во 21 часот, ликови со фантомки и на главите и камења во рацете се појавија со провокации доволни да доведат до ескалирање на ситуацијата. Доволно, полицијата што треба да го заштити правото на мирен протест на граѓанките и граѓаните, да потклекне и уште поревносно да удри по демострантите.
Да се потсетиме!
Резултатот беше огромен број повредени и уапсени граѓанки и граѓани. Повредени беа и тројца членови на ЦИВИЛ. Со еден од тврдите предмети беше погодена набљудувачка, а активистка на ЦИВИЛ беше удрена со пендрек, додека претседателот на ЦИВИЛ, пендреците ги доби по целото тело.
Да се потсетиме!
Минатата година, 5 мај се одбележа со пораката: Крвта не се мие! Протест против оние кои се обидоа да скријат убиство.
Оваа година, да се потсетиме дека редно е убијците да одговараат за своите злодела! Да не заборавиме, конечно, дека некој треба да плати за хоророт низ кој поминаа граѓан(к)ите на Македонија и тоа, во името на правдата, слободата и демократијата!
Биљана Јордановска