Во интервју за германскиот весник ФАЦ, премиерот Заев открива детали од бегството на експремиерот Груевски за кои досега се шпекулираше во јавноста. Од Обвинителството не ги потврдуваат тие информации, јавува Дојче Веле.
„Знаеме како Груевски избега од земјата“, тврди македонскиот премиер Зоран Заев во интервју објавено во германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Заев за ФАЦ тврди дека ја знае траекторијата на движењето на Груевски во клучните часови на бегството од земјата.
„Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило“, тврди премиерот.
Како штој јавува Дојче Веле, извори од Јавното обвинителство велат дека претпоставки има, но докази – нема.
За Обвинителството нема дилема како излегол од Албанија кон Црна Гора и понатаму до крајната дестинација – Унгарија, и во чија придружба бил.
„Претпоставките се едно, доказите друго. Ние работиме врз исклучиво врз основа на докази“, одговориле од Обвинителството.