Стотина граѓани, предводени од Блерим Ахмеди, братот на Ел Чека, учествуваа на денешниот протест против партијата ДУИ кој се одржа во Тетово. Граѓаните се собраа пред ректоратот на Тетовскиот Универзитет и се упатија кон седиштето на партијата на Али Ахмети, но тие беа блокирани од полициски кордон околу 500 метри пред седиштето.
Неколку минути организаторите на протестот полемизираа со полицајците барајќи да им се отвори патот, но тие не попуштија. Пред полицискиот кордон држеше говор братот на Ел Чека кој упати пораки за расветлување на скандалите објавени во прислушкуваните разговори и случаите со убиствата кои сè уште се нерасветлени.
„Како што може да видите и сами, бллокирани сме од полициските сили со наредба на Али Ахмети и принудени сме, за да не ескалира ситуацијата и да нема убиства меѓу браќа, да застанеме тука со денешниот протест. Нашата недоверба кон институциите, обвинителството и судството нè принуди на ваков чекор и со протест да побараме меѓународна истрага од овие институции. Исто така, треба да одговараат челниците на ДУИ и СДСМ кои работат против законот, негирајќи секакви права на Албанците. Нашиот обединет глас ќе продолжи и нема да престане сè додека правдата не се задоволи“, изјави Ахмеди, братот на Ел Чека.
Граѓаните држеа слики на владини функционери од ДУИ, а под нив имаше натпис „предавник“. Тие извикуваа и многу пароли меѓу кои се бараше казна и одговорност за функционерите на албанската владина партија, ДУИ.
А. Зеќири












