Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во Сараево оствари билатерални средби со претставници на земјите-учеснички на самитот.
Пендаровски се сретна со претседателите на Албанија, Црна Горан, Босна и Херцеговина и Словенија.
На средбата со Претседателот на Република Албанија, Илир Мета, биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои се пријателски и бележат позитивен развој со континуиран дијалог.
Двајцата констатирале дека двете држави споделуваат исти надворешно-политички цели, и во тој контекст ја истакнаа потребата Европската унија да ги валоризира напорите на двете држави преку одредување на датум за почеток на пристапните преговори за членство, како важен предуслов за стабилност во регионот.
На средбата со Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, било константирано дека двете држави негуваат одлични политички односи и споделуваат исти надворешно-политички приоритети.
Пендаровски заедно со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, ги разменија мислењата за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и за состојбите во регионот.
На средбата со Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, Пендаровски се заблагодарил за отворената и конструктивна поддршка од Словенија за аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ и во НАТО, потврдена со ратификацијата на протоколот за членство на државата во алијансата од страна на словенечкиот парламент.
Пендаровски во Сараево учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), каде се обрати на пленарната сесија на самитот.
А. П.












