Фросина Ременски, пратеничка и универзитетска професорка, експерт за безбедносни прашања, се обиде на едноставен начин, близок до пошироката публика, на својот Фејсбук профил, накратко да ги дефинира современите, неконвенционални форми на загрозување на националната безбедност. Таа напиша:
Најголеми предизвици на сите безбедносно-разузнавачки служби е справувањето со неконвенционалните форми на загрозување на националната безбедност и стратешките интереси, преку употреба на алатки на специјална (информациска) војна, денес познати како хибридни закани.
Хибридните закани (комбинација на легални и нелегални дејствија со цел) ги употребуваат поединци, групи, движења, политички партии, влади и разузнавачки служби, заради остварување на нивни цели и интереси или за попречување на интересите на земјите во кои продуктите на хибридните закани се пласираат.
Актуелната снимка на т,н., “пранкери” е класичен пример на хибридна алатка. Легалноста на оваа хибридна алатка е само правото на комуникација. Нелегалноста на оваа хибридна закана е лажното претставување, употребата на агенти провокатори зад превез на “пранкери” и прикривање на нелегалноста и злоупотребата на медиумите на т.н., пранкери зад превезот на слободата на изразување и слободата на медумите како демократска вредност.
Ширење на продуктот од хибридната алатка по пат на медиуми е по правило сензација и предизвикува интерес. Тоа е една од главните цели на хибридната закана – да се шири продуктот што претпоставува некаква штета. Крајната цел е нарушување на интересите на земјата или на трети земји.
Современите безбедносни служби имаат легитимно право овој вид на хибридни закани да ги третира, да ги превенира и да постапува доколку се случат.
Медиумите покрај обуките за борба против лажните вести имаат и право и обврска да се едуцираат многу подетално за облиците на хибридно војување. Пласирањето на лажни вести е само еден дел од информациската, специјална, хибридна војна.
Хибридниот продукт во случајот со премиерот Зоран Заев е доказ дека сме таргет на хибридни закани како земја. Но, факт е дека ефектот не е очекуваниот.
Од содржината се заклучува дека, премиерот и покрај наведувањето на искази и вербални провокации (техника на комуникација на агент провокатор), јасно и без двоумење ги презентира стратешките цели и интереси на нашата земја за стабилност и безбедност во регионот, важноста на дијалогот, мирното решавање на споровите и потребата од дијалог и размена на вредности и ставови помеѓу земји и лидери кои делат исти стратешки интереси.
Оваа поучна хибридна лекција ќе не направи попосветени на напорите да ги зајакнеме институционалните и процедуралните капацитети за сајбер заштита, за да ги превенираме и пресретнеме ваквите дејствија.
Секое барање на одговорност и вина од жртвите на вакви хибридни закани и продукти е посакувано продолжено дејствие на алките и целите на креаторите на хибридната закана, на кои вистината не им е целта.
Фросина Ременски
на Фејсбук