Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети обвинува за хајка и притисок против него, повикувајќи ја ДКСК да се посвети малку и на пратениците, а не само на него.
Иако во моментот Беџети е надвор од државата, за ТВ24 изјавил дека до Општината уште не стигнала одлуката на ДКСК за платформата кај Матка.
„Сметам дека ова е хајка и притисок кој се води против мене и тоа не е решение. Сепак јас сум во комуникација со адвокат и ќе покренам постапка против антикорупционерите. Наместо да се занимаваат со мене нека се позанимаваат и со пратениците кои ги носат законите за градба во законодавниот дом.“ – додава Беџети во телефонски разговор за ТВ24.
ДКСК на вчерашната седница одлучи да поведе иницијатива за кривично гонење на Беџети кој не одговорил на барањата за легализирање на дивоградби од времен карактер на Матка, а до Владата и до Министерството за транспорт и врски ќе испрати препораки за донесување решенија за преземање на работите од надлежност на овластениот градежен инспектор. Беџети со непостапување по овие барања, ги прекршил одредбите од Законот за локална самоуправа.
Инаку, како што соопштија од ДКСК, до Општина Сарај биле поднесени две барања за легализација на дивоградба од времен карактер на 8 февруари 2018 година од Амед Саити и на 24 декември 2018 година од страна на Џемаил Саити.
Б. Ј.