• Latest

Ахмети, Бучковски и Тачи со спротивставени сведоштва за 2001: Имало ли план за поделба на Македонија?

August 16, 2026

Voxeurop ја објави анализата на Џабир Дерала за цената на заробеното правосудство во Северна Македонија

August 16, 2026

Слободата е нашата религија: Ивана Климпуш-Цинцадзе, украинска пратеничка

August 15, 2026

На Путин му се допаѓа неговата најлоша опција во Украина

August 15, 2026
Марко Маневски (фото извор: Марколепсија, блог на авторот)

Народот не ја сака ЕУ, народот сака некој друг да му ја плати скарата

August 15, 2026
Џабир Дерала, 30 јули 2026 (фото: ЦИВИЛ)

Џабир Дерала: Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, само ако со тоа се согласи Белград

August 15, 2026

Кој е оштетен во случајот „Мазут“ ако ЕСМ не пријавило штета, а ТЕЦ Неготино остварила профит?

August 15, 2026
Војо Маневски (фото: ЦИВИЛ)

Руски, српски, разни други светови има, а македонски свет има ли?

August 15, 2026
Училишта и општински згради беа претворени во мачилишта за украинските цивили | Херсон, 2022 година.

(ВОЗНЕМИРУВАЧКА СОДРЖИНА) „Ова е тоа на кое би се предале“: Белешка за руските ѕверства во Херсон, Украина

August 14, 2026

Два јубилеи и една дијагноза

August 14, 2026
Сумска област, Украина, 14 август 2026 (фото извор: Сумска ОВА)

РУСКИ ТЕРОР: Станбена зграда во Краматорск уништена со наведувана бомба, мајка и деветгодишен син убиени во Сумската област

August 14, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

Ахмети, Бучковски и Тачи со спротивставени сведоштва за 2001: Имало ли план за поделба на Македонија?

August 16, 2026 11:06
in АНАЛИЗИ, ИСТОРИЈА, КОНТЕКСТ, КОНФЛИКТИ, ПОЛИТИКА, ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter

Али Ахмети тврди дека во 2001 година пред себе имал проект за поделба на земјата, одобрен од „највисоките власти“, но дека го одбил. Владо Бучковски вели дека во почетокот на конфликтот постоела тенденција за освојување територија и обид за поделба на Македонија. Мендух Тачи категорично негира дека постоел документ и тврди дека идејата ја пласирале „псевдоакадемици инструирани од УДБА“. Четврт век по Охридскиот рамковен договор, една од најконтроверзните теми од 2001 повторно се враќа во политичката јавност.

Одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор повторно отвори прашање кое ја следи политичката историја на земјата повеќе од две децении – дали во текот на вооружениот конфликт во 2001 година постоел план за етничка поделба на Македонија и колку далеку стигнале разговорите за него.

Темата ја отворија лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот премиер и министер за одбрана Владо Бучковски на панел-дискусијата организирана од ДУИ на 13 август во Скопје, по повод 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Два дена подоцна реагираше лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој ги оспори тврдењата за постоење документ за поделба.

Ахмети: Имав проект за поделба, но не го прифатив

На панел-дискусијата Ахмети порача дека, 25 години по конфликтот, политичките односи не треба да се сведуваат на „фолклор и емоции“, туку заеднички интерес треба да бидат мирот, стабилноста, безбедноста, напредокот и интеграцијата на земјата во Европската Унија.

Во тој контекст, тој рече дека Македонија е негова земја и дека ја сака исто колку и македонските политички лидери.

„Ја сакам Македонија, господине Бучковски, колку што ја сакате и вие. Ова е мојата земја, мојот дедо, прадедо, баба и прабаба се тука. Ја сакам колку што ја сака Бранко Црвенковски, колку што ја сака Христијан Мицкоски“, рече Ахмети.

Тој порача дека достигнувањата на Охридскиот договор, меѓу кои ги посочи употребата на албанскиот јазик и правичната и соодветна застапеност, не треба да бидат уназадувани.

„Достигнувањата со Охридскиот договор се гарантирани од САД, ЕУ и НАТО. За тоа работевме заедно 20 години. Не велам дека тоа е само резултат на Албанците, не велам дека само Албанците победија со Рамковниот договор. Победи и македонската нација“, рече Ахмети.

Но, најголемо внимание предизвика неговото тврдење дека во текот на кризата во 2001 година лично добил проект за поделба на Македонија.

„Кога станува збор за прашањето на поделба, да, јас го имав проектот за поделба, господине Бучковски, и го имав одобрено од највисоките власти, но не го прифатив, бидејќи Албанците од Скопје немаше да бидат со мене. Јас ќе бев во Албанија, но Скопје, Куманово, Струга, Кичево, Прилеп, Велес – сите тие би биле надвор од границите на Албанија“, изјави Ахмети.

Во јавно пренесениот дел од изјавата Ахмети не прецизира од кои „највисоки власти“ бил одобрен проектот на кој се повикува.

Бучковски: Имаше тенденција да се освои територија и да се подели Македонија

Бучковски, кој во 2001 година беше министер за одбрана, понуди поинаква перспектива за почетокот на конфликтот. Според него, неговата почетна динамика не можела да се сведе исклучиво на барањата за поголеми права на Албанците.

Тој ја нагласи и улогата на меѓународната заедница во пренесувањето на конфликтот од воена во политичка фаза.

„Вклучувањето на меѓународната заедница, првиот предлог на Фровик дека ќе дојде до разоружување и дека потоа треба да има сериозен политички процес, беше водено на начин кој го приближуваше и Ахмети од терорист, екстремист, водач на паравоената ОНА, да се трансформира во лидер на политичка партија, ценејќи го расположението на албанскиот етникум во тој момент“, рече Бучковски.

Според него, во почетната фаза постоела и територијална димензија.

„Не беше на почетокот отворен воениот конфликт само за правата на Албанците. Тлееше, веројатно – затоа сме разговарале и со господинот Ахмети – тенденцијата дека треба да се освои територија и да се направи обид да се подели Македонија“, рече Бучковски.

Тачи: Документ немало, приказната е производ на УДБА

На тврдењата на Ахмети реагираше лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по оддавањето почит на поранешниот лидер на партијата и еден од потписниците на Охридскиот договор, Арбен Џафери.

Тачи категорично негира дека постоел документ за поделба на Македонија и тврди дека станувало збор за идеја пласирана од кругови поврзани со српската тајна служба.

„За поделбата на Македонија не постоел документ. Тоа беше идеја на неколку псевдоакадемици, инструирани од УДБА на Србија. Тоа не беше идеја на Академијата на науките, а ниту Арбен Џафери имал документ, затоа што таков не постои“, изјави Тачи.

Тој упати и директно обвинување кон Ахмети.

„На Али Ахмети тогаш УДБА му кажа: ова е патот по кој можеш да го урнеш политичкото организирање на Албанците. И тој зборува неврзано, дека наводно постоел документ“, рече Тачи.

Лидерот на ДПА најави и можност за правна постапка доколку Ахмети продолжи со ваквите тврдења.

„Го предупредувам уште еднаш: ако продолжи да зборува вака, ќе поднесам тужба, во име на Арбен Џафери, бидејќи вакво обвинување е недозволиво“, рече Тачи.

Идејата за поделба наспроти политичкиот договор

Контроверзијата околу поделбата на Македонија не е нова, ниту е производ на денешните меѓупартиски пресметки. Во екот на конфликтот во 2001 година, тогашниот претседател на МАНУ, академик Георги Ефремов, излезе со предлог за размена на територии со Албанија и преселување население. Предлогот предизвика жестоки реакции и противење во политичката и граѓанската јавност.

ЦИВИЛ – Центар за слобода беше меѓу најраните и најгласните противници на етничките поделби и на идејата проблемите во Македонија да се решаваат со прекројување граници. Организацијата реагираше уште на првиот ден од вооружените судири во февруари 2001 година, а само неколку дена по почетокот на седуммесечниот конфликт ја започна кампањата за мир и помирување „Peace Unlimited“. Со тоа, ЦИВИЛ уште на самиот почеток на војната јавно повика на мир и на помирување и беше место каде што се среќаваа голем број активисти, новинари, аналитичари, политичари и дипломати од целиот свет. Само еден од огромниот број настапи пред светската јавност е оној во март 2001 година, кога холандскиот NRC Handelsblad го цитираше Џабир Дерала, основачот на ЦИВИЛ, како долгогодишен застапник на мултиетничка Македонија и противник на националистичката радикализација што веќе ја зафаќаше земјата.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година по седуммесечниот вооружен конфликт и со силно посредство на меѓународната заедница. Тој постави политичка и уставна рамка за прекин на насилството, унапредување на правата на заедниците, правична застапеност, децентрализација и употреба на јазиците. НАТО потсетува дека по потпишувањето следуваше операцијата „Essential Harvest“ за доброволно разоружување, додека ЕУ, НАТО, ОБСЕ и САД останаа директно вклучени во спроведувањето на договорот.

Според архивата на RFE/RL, Арбен Џафери во интервју за косовски телевизии во 2005 година изјавил дека тој и тогашниот премиер Љубчо Георгиевски повеќепати разговарале за можноста за мирна поделба на Македонија и дека такви разговори имало уште од 1998 година. Георгиевски тогаш го негирал овој дел од сведочењето и тврдел дека со Џафери првпат разговарал за темата дури откако весникот „Вечер“ во мај 2001 година објавил текст за размена на територии и население.

Георгиевски повторно ја отвори темата во интервју за „Фокус“ во 2023 година. Тој тогаш тврдеше дека повеќе станувало збор за размена на територии и население отколку за класична поделба, и дека идејата била дискутирана меѓу повеќе високи државни функционери и академици. Според неговото сведоштво, за неа разговарал и со Арбен Џафери, кој по извесно време му соопштил дека разговорите не можат да продолжат.

Оттука, достапните јавни извори не даваат основа без дополнителни докази да се заклучи дека постоел единствен, формално усвоен државен „план за поделба“ со статус каков што денес му го припишува Ахмети. Но, тие јасно покажуваат дека идејата за етничко-територијално прекројување на Македонија била реално присутна во јавниот и политичкиот простор во 2001 година и дека за неа се разговарало на високо политичко ниво.

Токму затоа денешната полемика меѓу Ахмети, Бучковски и Тачи отвора повеќе прашања отколку што затвора: што точно бил „проектот“ на кој се повикува Ахмети, кој го изработил и кој го одобрил; на какви разговори се повикува Бучковски кога говори за тенденција за освојување територија; и како тврдењето на Тачи дека не постоел никаков документ се вклопува со претходно документираните сведоштва за разговори за поделба и територијална размена.

Четврт век подоцна, останува отворено прашањето што можело да се случи доколку политичкиот договор не ставеше крај на вооружениот конфликт. Расправата за плановите и идеите што циркулираа во најкритичните месеци од 2001 година очигледно сè уште не е завршена.

Редакција ЦИВИЛ МЕДИА

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ