Џабир Дерала
Во политиката нема случајности, особено кога станува збор за опстанокот на автократските режими. Додека регионот е на летен одмор, во Србија се одвива брутална операција на манипулација со сопственоста на медиумите. Под плаштот на августовските горештини и далеку од фокусот на јавноста, португалската инвестициска групација Алпак капитал (Alpac Capital) изврши неочекувано, брзопотезно „обезглавување“ на неколкуте преостанати независни медиуми во Србија, како што објави European Western Balkans.
Ова преструктуирање е директна реализација на сценариото за кое на ЦИВИЛ МЕДИА предупреди за помалку од 24 часа по тектонските политички поместувања во Унгарија со изборната катаклизма на Виктор Орбан. За да се добие увид во поширокиот контекст во кој се одвиваат овие операции, може да се прочитаат анализите „Маѓар победи. Вистинскиот тест за Унгарија започнува.“, а потоа и „Време за будност – авторитарните структури брзо се адаптираат“ и „Изборната катаклизма на Орбан и лекциите за отпорноста на авторитаризмот и олигархијата“, како и предупредувањата изнесени во пренесениот текст „Спремна продажбата на N1…“, но и низа други анализи објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Унгарската пропагандна врска и тројанскиот коњ Алпак – освојување на независниот медиумски простор во Србија
На 17 август, извршителот на операцијата за преземање на независните српски медиуми, сопственикот на Алпак капитал, Педро Варгас Сантос Давид, експресно и на сопствено барање е запишан во српската Агенција за деловни регистри како нов и единствен директор на компаниите што управуваат со медиумската мрежа Адриа њуз нетворк (Adria News Network).
Со овој бирократски потег, досегашните раководни лица буквално се избришани од мапата. Без функција преку ноќ останаа Михаило Јовиќевиќ (од порталот и весникот Нова и неделникот Радар), Александра Митиќ (од компанијата Дан Граф, издавач на весникот Данас), како и Брент Садлер и Јанез Живко од Адрија њуз и телевизијата Нова С, како што пишува белградски Nedeljnik.rs.
Во сопственичката структура сè уште фигурира Јунајтед фајбер сарл (United Fiber Sàrl), поддржана од ко-сопственикот БЦ Партнерс. Сепак, инсталирањето на португалскиот сопственик на директорска позиција среде август укажува на забрзување на фазната интеграција, односно за интензивен акт на преземање на контролата пред почетокот на очекуваната жешка есенска политичка сезона во Србија. За предисторијата на овој процес, прочитајте повеќе во анализата „Mрачен медиумски пејсаж“ (дел 1 и дел 2, ЦИВИЛ МЕДИА).
За да се разбере вистинската закана од оваа аквизиција, мора да се погледне европското досие на Алпак капитал. Зад фасадата на западен инвестициски фонд стојат длабоки врски со автократскиот режим во Будимпешта.
Истражувањето спроведено од унгарски, француски и португалски новинари докажа дека претходното преземање на паневропскиот канал Еуроњуз (Euronews) од страна на Алпак капитал во 2022 година, било индиректно финансирано со десетици милиони евра од унгарскиот државен фонд Сечењи (Szechenyi Funds), како што објави Telex.hu. Во таа трансакција директно учествувала и унгарската ПР агенција New Land Media, главниот извршител на пропагандните кампањи на владата на Орбан. Интерните документи откриваат дека целта на тој упад е „ублажување на левичарската идеологија и пристрасноста“, како што известува The Straits Times.
Самиот извршен директор, Педро Варгас Сантос Давид, одржува блиски лични и деловни врски со владата на Орбан. Оваа иста мрежа сега е активирана за да ги проголта српските критички гласови.
Свесни за опасноста, новинарите не молчат. Белградските медиуми објавија дека синдикатите на Нова, Радар, N1 и Форбс остро ја осудиле тајноста на операцијата, порачувајќи дека нема да дозволат новинарството да стане нечиј плен.
Поддршка пристигна и од Европа. Европската федерација на новинари (EFJ) заедно со синдикатите од целиот регион објавија заедничка реакција, предупредувајќи дека ова носи сериозни последици за медиумскиот плурализам на Западен Балкан. Тие потсетуваат дека по влегувањето на Алпак капитал во Еуроњуз, новинарите таму се соочени со масовни отпуштања, при што си заминаа над 175 вработени.
Од априлскиот дебакл во Будимпешта до августовската чистка во Белград
Кога во април 2026 година изборниот триумф на Петер Маѓар предизвика пад на режимот на Орбан, ЦИВИЛ укажа на една клучна лекција за отпорноста на авторитаризмот и олигархијата.
Загрозениот автократ не се повлекува. Напротив, кога авторитаризмот е загрозен дома, тој ја консолидира својата хибридна мрежа и го извезува своето влијание надвор од сопствените граници.
Како што напишавме во часовите кога европските демократи френетично го славеа падот на Орбан, вистинскиот тест за Унгарија започна веднаш по изборите. Сега е време да констатираме дека тестот за отпорноста на Западен Балкан се случува сега. Што се однесува до унгарските институции и општеството во целост, остануваат отворени прашањата како ќе се справат со последиците од 16-годишната автократија на Орбан. Соочена со политичкиот пораз во Унгарија, олигархијата во чија орбита се Орбан и неговите политички близнаци од регионот и пошироко, го стега обрачот во соседството, користејќи ја добро познатата тактика на преземање на информативниот простор.
Анализите на ЦИВИЛ ги следат овие тектонски поместувања во домашниот, и регионалниот политички, општествен и медиумски пејзаж во подолг временски период.
Операциите поврзани со освојувањето на медиумскиот простор се одвиваат многу подолго и многу поочигледно отколку што тоа јавноста, граѓанското општество и продемократските ентитети сакаа да го препознаат. Бришаниот медиумски и демократски простор на Балканот експресно се пополнува од оние чија главна амбиција не е застапеност на слободниот пазар (тоа е само она што се гледа на површината), туку политичката контрола, манипулацијата со сопственоста и ширењето дезинформации и пропагандни наративи кои се во тесна врска со Кремљ.
Тест за западната демократија: Институционално слепило или итна акција?
И Брисел е на тест. Воопшто, западната демократија е на тест.
Најновиот развој на настаните поврзани со падот на менаџментот во малкуте преостанати независни српски медиуми е само еден пример и далеку од тоа да е само локална српска тема. Тоа е само уште еден сигнал дека под закана се наоѓа демократскиот и медиумскиот екосистем во целиот регион. Оската Будимпешта-Белград брзо се прилагоди и ја подготви медиумската Голгота за финалните егзекуции. Што се однесува до Северна Македонија, тоа е повеќе од лесен залак, каде што слични операции беа спроведувани долго пред почетокот на најновиот (веројатно и финален) медиумски блицкриг во Србија во пресрет на веројатните предвремени избори во земјата.
И сето тоа пред очите на демократскиот Запад и донаторската заедница во Европа и пошироко.
Времето за дипломатски соопштенија и изразување „длабока загриженост“ е истечено. Институциите на ЕУ, заедно со водечките меѓународни новинарски и граѓански организации и донаторската заедница – имаат одговорност и обврска итно да го напуштат калкулантството и да ги отфрлат удобните дипломатски модели на комуникација и воздржаност. Тие мораат да се фатат во костец со транснационалните и трансконтиненталните операции за социјален и медиумски инженеринг. Еден од примерите е Европската федерација на новинарите (EFJ) која се „прослави“ со низа пропусти и пасивност во изминатиот период, поради што големи новинарски здруженија истапија од нејзиното членство. За жал, оваа важна новинарска асоцијација е само една од низата клучни организации и институции во Европа кои, директно или индиректно, дозволија да им поминат „под радарот“ низа операции за окупација на независните медиуми и загрозување на новинарските слободи во Европа.
Конечно, треба сите заедно да сфатат дека овде не се работи за поединечни операции само во една или две земји на „живописната“ периферија на Европа. Од медиумската платформа на ЦИВИЛ со години се лансираат предупредувања во кои се посочува Западен Балкан и поширокиот регион на Југоисточна Европа како полигон на кој се тестираат медиумските, политичките и хибридните операции, за потоа да се спроведат и многу пошироко.
ЦИВИЛ во континуитет отворено и јавно предупредува и повикува на акција. Затоа, и во контекст на најновите настани во медиумската сфера, ја истакнува потребата од итна и темелна акција за заштита на продемократските, независните и прогресивните медиуми и граѓанско општество.
Доколку европските правни механизми како што е Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), имаат некаква суштинска тежина и не се само мртво слово на хартија, Брисел има обврска веднаш да ги активира за да ги следи трагите на парите и линковите кон политички и финансиски центри на моќ, кои преку прокси-фондови се прелеваат од еден во друг, се прилагодуваат и по секој пораз се враќаат посилни и подлабоко вткаени во демократското ткиво на општествата.
Изработено во соработка со тимот на МЕДИУМСКА ОПСЕРВАТОРИЈА НА ЦИВИЛ | При преземање, задолжително да се наведе извор и линк: ЦИВИЛ МЕДИА













