„Не може синот на професорот истовремено да биде во Италија и на натпревар“, констатирала неготинската гимназија откако добила допис дека нивен ученик во трета година, син на професор од училиштето, добил трета награда на државен натпревар.
Директорот Драган Василев за МИА, по скандалот дека професорот ментор, наместо синот од трета година, на натпревар повел матурант, да решава задачи наместо него. вели дека реагирале до организаторот, Министерството за образование и наука и до полицијата.
„Веднаш реагиравме до организаторот да не издава диплома за освоено трето место на погрешно лице. Доставивме известување за случајот до Министерството и полицијата. По налог на просветен инспектор, дисциплински ќе одлучуваме за професорот“, нагласи директорот.
Од Државниот инспекторат за образование и полицијата за МИА изјавија дека има случај со кој се запознаени.
„Во однос на Вашето прашање за одвивање натпревар од електро струка на кој учестувале ученици и наставник од СОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Неготино, Ве известуваме дека Државниот просветен инспекторат има постапувано по реакција на група родители, во текот на јули 2019 година. Од Државниот просветен инспекторат констатирани се повреди кои ги сторил наставник, менторот на учениците, издаден е прекршочен платен налог за наставникот согласно Законот за средно образование, кои се однесуваат на психичко малтретирање на ученик и тој е реализиран“, велат од Инспекторатот.
Со записник било констатирано дека е известено во МВР. До училиштето Државниот просветен инспекторат поднел укажување со записник, да се поведе дисциплинска постапка против наставникот.
Портпаролот на СВР Велес Верољуб Додевски за МИА изјацил дека на 29 јуни 2019 година неготинската гимназија пријавила таков случај и се работи на расчистување.