пишува: МИЛАН БАНОВ
Пред повеќе години во центарот на Скопје, на просторот меѓу старото „Беко“ и зградата на „Трготекстил“, на едно ѕидче некоја графитска состојба на свеста имаше испишано три збора кои тогаш ми дејствуваа вознемирувачки. Имено, пораката гласеше: „Ние мразиме сè“, што ми даде повод да се обидам да проникнам во мотивот и поводот зошто некој го напишал ова. И, колку што се сеќавам, во графитот пронајдов навивачка острастеност на „Комити“ што малку ме потсмири.
Деновиве минувам покрај ѕидчето, погледот ми го бара страшниот графит, но него го нема, го одвеало времето, но, сепак, јас и натаму го читам, само што овојпат во него не препознавам невешта навивачка рака, барем не онаква каква што забележуваме на спортските терени. Тоа што по многу години во сеќавањето ми се вратила жестоката порака и сосема јасно ја читам на празниот ѕид има врска со актуелниот политички миг во земјата, повторно е упатен кон противникот, а во она „сè“ се сите оние што се надвор од сопственото навивачко трло.
Социолозите, психолозите (за политичките аналитичари и да не зборувам), немам сомнение, без особени проблеми би ја објасниле оваа состојба на духот, ќе проникнат во нејзините причини, ќе го пронајдат мотивот на тој што мрази и веќе споменатото „сè“ веројатно ќе го ограничат на конкретно препознавање. Можеби ќе се повикаат на Фројд, Лоренцо, Фром, на авторитети кои успешно или помалку успешно ги осознале причините за обременетоста со омразата, без разлика дали е таа индивидуална или колективна. Мојата нестручност ме принудува на истата постапка, па оттука го ползувам Фром и некако ми станува сосема блиско неговото сознание за животот кој поседува соствен внатрешен динамизам и кој тежи кон сопствено развивање, изразување, проживување. Енергијата насочена кон животот, ако биде спречувана, минува низ процес на разложување и се претвора во гневна енергија која се стреми кон деструкција. Со други зборови, нагонот за живот и нагонот за негово ништење (зашто, што е омразата ако не нихилистички однос кон животот) не се меѓусебни независни чинители, туку се наоѓаат во обратна взаемна зависност. И клучното: што повеќе се спречува нагонот за живот, толку е посилен оној кој го оценуваме како болна состојба на свеста; колку повеќе се остварува животот, помала е силата на омразата. И да, таа е последица на непожелниот живот.
Сместени сме во своите мали животи, а кога ќе излеземе од нив, секој е против секого, поведени сме од инстинктот на стадото и вооружени со негативна виталност го бараме непријателот, иако е тој наш довчерашен пријател, комшија, колега на работа. Кога сме во толпа (во случајов партиска), ни се чини дека ни е тука топло и безбедно, некритички ја прифаќаме „вистината“ на нашите водачи и „вождови“кои ни го нормираат однесувањето и ни ги наметнуваат своите вредности. Сме се претвориле ли во Сореловите норвешки селани кои сами, преполни со омраза, ги решаваат споровите и недоразбирањата меѓу себе, денес препознаени кај некој со поинаков политички став од нашиот, утре во некој омразен град, општина, маало, задутре во различно етничко потекло и верска припадност, а постојано против стандардните стереотипи и дејствувања што ни ги наметнал животот. И тоа не е само личен, индивидуален бунт, туку и колективен и организиран во кои легалните средства се комбинираат со илегални во согласност со ситуацијата која, ми се чини, повеќе зависи од објективните околности отколку од волјата на актерите. Да, во партиската толпа, зад оваа или онаа барикада, забележува Гистав ле Бон, откако ќе се загуби индивидуалноста и ќе ни се зголеми чувството за моќ, настапува импулзивност, омраза и агресија, толку различна и како противтежа на изолацијата и безначајноста што ни ги понудило секојдневието.
Запенети сме од омраза и таа неартикулирано излегува од нас, ова е време на инфлација на оваа неурамнотежена состојба, нè заслепила и не можеме да го видиме правото на различно мислење и став, сме заборавиле на пристојноста, на честа, достоинството, пријателството… Денес ги живееме деновите кога манипулацијата во нашиот ум ни соѕидала омраза, која веќе утре може да се престори во неартикулиран гнев, агресија и насилство. Потоа ќе биде доцна што графитот „ние мразиме сè“, сме требале да го прочитаме – „ние си го мразиме животот“. Оној што ни го управуваат моќните и силните.