Родителите во недоумица, дали да ги однесат своите деца во училиште на првиот училиштен ден или не. И онака првиот ден е формалност, се одржува по еден час, но оваа година, ништо не е јасно. Министерот за образование вели едно, СОНК го тврди спротивното, а наставниците во различни училишта различно ги информираат родителите.
Во општина Центар, по сѐ изгледа, не се штрајкува. Како што стојат работите, децата во општина Центар можат, но и не мораат да појдат утре на училиште.
И покрај денешниот апел на ресорниот министер Арбер Адеми утре настава да има, Неделков на прес-конференција подоцна соопшти дека е дефинитивна нивната одлука за предупредувачки штрајк утре, а настава ќе има од вторник. СОНК овој месец ќе очекува преговори со МОН за да најдат заемно прифатливо решение, а ако го нема до крајот на месецов, можно е да организира генерален штрајк.
„Нашиот синдикат утре ќе штрајкува. Нашите членови и сите други кои не се наши членови, а сакаат да се приклучат кон штрајкот, ќе бидат во штрајк. Тоа значи дека ќе одат на работа, ќе бидат во просторија одредена за штрајк, но нема да ги извршуваат воспитно-образовните обврски и нема да ги прифаќаат учениците дојдени на училиште“ – рече Неделков и побара поддршка и од родителите, а во однос на нивната збунетост дали утре да ги пратат децата на училиште, одговори дека не е надлежност на СОНК, туку на училиштата да укажуваат или апелираат дали да доаѓаат или да не. Притоа праша која е причината учениците утре да дојдат, ако не бидат прифатени од наставниците и нагласи дека СОНК нема да биде одговорен ако се случи некоја несакана последица за здравјето и безбедноста на учениците.
Хаос. Пресметка на сметка на децата…
Џ. Дерала