Сараево се подготвува за својата прва Парада на гордоста, која ќе се одржи утре, на 8 септември, со цел да ја поддржи и заштити ЛГБТИК+ заедницата.
Во април годинава, кога беше најавена парадата, Бранко Чулибрк, еден од организаторите, изјави дека парадата ќе се одржи под мотото „Има за излегување“ – фраза која некогаш била користена во босанските автобуси од страна на патниците како знак дека возачот треба да запре за да можат да излезат од автобусот.
И покрај најавите за контра-маршеви, полицијата и организаторите велат дека се убедени дека првата Парада на гордоста на Босна ќе помине безбедно.
„Парадата на гордоста е отворена за сите луѓе во земјата и пошироко“, изјави Лејла Хуремовиќ, дел од група активисти, додавајќи дека поддржувачите ќе доаѓаат од Црна Гора, Србија, Хрватска, Северна Македонија и Албанија.
Босна и Херцеговина остана последната земја од Балканот каде не се одржала досега Парада на гордоста, додека пак земјата има историја на насилство насочено кон ЛГБТИК+ заедницата.

Во јуни годинава за прв пат се одржа и првата Парада на гордоста во Македонија, која за среќа, и покрај многуте закани и навредливи зборови на социјалните мрежи од хомофоби, помина во најдобар ред.
Ангела Петровска