пишува: БИЉАНА ЈОРДАНОВСКА
Бугарија има облигаторно задолжение целосно да го почитува Договорот за добрососедство, на начин на кој се очекува од наша страна. Нашите соседи очигледно имаат тенденција да се водат по истата логика што ја промовираше претходната владејачка гарнитура во земјава ја имаше. Тоа беше историја базирана на политички претензии и калкулации, нешто што ќе остане заробено во помнењето на луѓето како вистинска историја, поткрепена со лаги и пропаганди што не доликуваат на едно демократско општество, особено ако е дел од ЕУ. Или на сметка на минатото, да го изгубиме тлото на сегашноста и да ги срушиме темелите на иднината.
Извршната власт и сите чинители во општеството, би требало да останат доследни во одбраната на правото на самоопределување, инкорпорирано во Универзалната декларација за човекови права и слободи и во Уставот на Република Северна Македонија. И токму тоа самоопределување е основата што треба да нѐ води кон ЕУ.
Она што недостига во овие политички игри е соочувањето со реалноста, дека историјата ја пишуваат победниците, а бришењето од колективната меморија на општеството, конечно треба да падне во заборав. Ваквите суптилни игри на само 5-6 дена од една историски значајна одлука за нашата земја не го одразува духот на добрососедство и пријателство.
Оној кој го контролира минатото ја контролира иднината. Оној кој ја контролира сегашноста го контролира минатото, вели Џорџ Орвел, но кој ги контролира контролорите?
Во сето тоа гушкање, тапкање по рамо, колку има земање мерка на грбот на пријателот за да се најде идеална точка за забивање нож, онаму каде најмногу ќе боли.
И дали ќе останеме безрбетници во целиот процес, па меѓу ребра помалку ќе боли или доследно ќе бараме почитување на Договорот, онака, ама вистински, како што ние ќе го испочитуваме.
Ама, нели дај да го испочитуваме. Да одржиме лекција, да бидеме уште еден пример дека знаеме и можеме. И истото да го бараме, без преседан од пријателите, соседите…