Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на заедничка прес конференција со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека неговата посета е уште една потврда за односите на добрососедство и меѓусебно разбирање меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, но и уште една можност за потенцирање на важноста и посветеноста на градењето, одржувањето и унапредувањето на меѓусебниот дијалог, како меѓу нас, така и пошироко во нашиот регион.[embedyt] https://www.youtube.com/watch?v=KhwMf4XYMp4&live=1[/embedyt]
„Со претседателот Вучиќ заклучивме дека односите меѓу двете земји се одлични и без спорни точки. Се заложивме различните гледишта во однос на дел од прашањата од нашата билатерална агенда да продолжиме да ги дискутираме како пријатели на конструктивен начин. Сметам дека наша должност како претседатели е да создаваме позитивна атмосфера и сите прашања да ги решаваме по пат на дијалог со максимално меѓусебно почитување и разбирање.
Со претседателот Вучиќ разговаравме и за француската иницијатива за нова променета методологија во водењето на претпристапните преговори со ЕУ. Јас уште еднаш го истакнав ставот на мојата држава дека за нас не постои друга одржлива алтернатива, освен полноправно членство во Унијата на крајот од овој процес. Европската интеграција на Северна Македонија останува долгорочна определба, мотивација за трансформација на општеството и имплементирање на највисоките европски стандарди.
Во овој контекст ме радува фактот што и од Скопје и од Белград упатуваме јасни пораки дека Европската унија не треба да заборави на западниот Балкан, за кој перспективата за членство во ЕУ е единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет и всушност е единствена одржлива опција. Европската интеграција на регионот е најдобриот начин што ќе овозможи демократска трансформација на нашите општества, просперитет и зајакната регионална соработка.
И токму кога говорам за стабилноста на регионот, би сакал да ве информирам дека се осврнавме и на неколку аспекти од дијалогот Белград-Приштина. Претседателот Вучиќ е секогаш добро информиран соговорник, па имав можност од прва рака да ги слушнам неговите размислувања во однос на перспективите на овој дијалог. Секако, искористив прилика да ги повторам и моите ставови изразувајќи очекување дека со помош на меѓународната заедница и посебно нашите западни партнери ќе бидат создадени услови за сериозен напредок, па и за конечно затворање на ова прашање. Решението што ќе го договорат Белград и Приштина мора да придонесува кон регионалната стабилност и безбедност и по наше мислење не смее да задира во суверенитетот на другите држави во регионот“, изјави Пендаровски на прес-конференцијата.