Вознемирувањето на работното место не е прифатлив дел од работната дисциплина, ниту од работната рутина во Министерството за одбрана и во Армијата, порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на промоцијата на Упатството и Водичот за заштита од вознемирување на работното место на која беа доделени и сертификати на 35 родови претставници во Министерството и Армијата.
Како што истакна Шекеринска, 35-те родови претставници се советници кои ќе им бидат на располагање на сите вработени во Министерството и во Армијата, а ќе има родов претставник и во кабинетите на министерката, на началникот на Генералштабот, како и во сите единици на Армијата и сите организациски единици на Министерството.
„Родовите советници ќе бидат првиот контакт, првата помош кон сите оние кои што се соочиле со вознемирување и сакаат да го пријават и да добијат помош. На ваков начин ќе покажеме дека вознемирувањето не е дел и не смее да биде дел од работните навики, работната култура и ќе создадеме средина во која што ќе се чувствуваат пријатно и ефикасно и продуктивно и мажите и жените“, рече министерката Шекеринска.
Со настанот, со кој МО и АРМ се вклучија и во глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојките“, а се одржа симболично во холот на Министерството каде се поставени портрети на наши историски хероини.
„Портретите на овие историски хероини покажуваат дека македонската жена била прифатена како партнер во војна. Немаме никакво оправдување денеска во мир да имаме дилеми околу нејзината способност и околу нејзината шанса да придонесе кон својата држава“, истакна Шекеринска.
Началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски додаде дека Генералштабот има јасен пристап во однос на оваа област и презема конкретни мерки на сите нивоа на командување во Армијата.
„Наскоро ќе биде именуван и родов советник во кабинетот на Началникот. Пристапот е нула толеранција за вознемирување на работните места, апсолутно јасна и гласна транспарентност во функционалноста на Армијата, секој да се чувствува достоинствено, гордо на работното место од аспект на третманот на женскиот пол во Армијата“, рече генералот Ѓурчиновски.
Упатството и Водичот за справување со насилство, вознемирување на работно место, вклучувајќи и сексуално вознемирување се изработени во соработка со Канцеларијата на UN WOMEN во Скопје.