Македонскиот јазик е лингвистички факт децении наназад и тоа е утврдено и на меѓународно ниво, вели претседателот на државата, Стево Пендаровски, по ставот на Бугарската академија на науките дека македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот. Според него, беспредметно е да се дебатира за ова прашање, бидејќи како дел од јужнословенската група на јазици е признаен во целиот свет.
„Во Преспанскиот договор постои една одредба која се повикува на конференција на Обединети нации, не на некоја конференција организира тука меѓу нас, од 1979 година во која македонскиот јазик е нормиран како еден од јазиците во јужнословенската група и е меѓународно признаен. Навистина сметам дека би било губење време да се убедуваме во нешто што пости, мислејќи на македонскиот јазик, исто како што постои и македонската нација и околу тоа никој нормален во нашата земја нема да дебатира и да потпишува договори со кој било“, вели Пендаровски.
За бугарските академици, пак ставот е непроменет дека официјалниот јазик во државата е пишан – регионален стандард на бугарскиот јазик. Од таму велат дека ќе се фокусираат на овој научен факт со низа настани што ќе добијат медиумско покривање не само кај источниот сосед, туку и во странство.
П. К.