пишува ПЕТАР СТОЈКОВИЌ
И покрај можноста согласно националната легислатива и меѓународното право да се ограничи практикувањето на религијата во верските храмови во време на вонредна состојба како во случај на пандемија, а во интерес на јавното здравје, Владата на РСМ на чело со техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој и самиот е верник, одлучи да не се замери со МПЦ и да ѝ дозволи не само да ги држи отворени храмовите, туку и да практикува ризично однесување причестувајќи ги неодговорните и фанатични верници, кои повеќе веруваат во спас во нивниот бог отколку во науката и медицината, постапувајќи спротивно на мерките и препораките за заштита и превенција од КОВИД-19 и доведувајќи ги остатокот од населението што се придржува до нив, но и самите верници што земаат учество во тие традиционални обреди, во опасност.
Не помалку важно, со ваквото поведение се става во ризик и здравството на државата, отворајќи можност за нагло зголемување на бројот на заболени лица кои здравствениот систем нема да биде во можност да го издржи со оглед на ограничените капацитети, следствено доведувајќи ги и животите на луѓето во ризик, особено на оние постарите и оние со коморбидитети, за кои заразувањето со КОВИД-19 би претставувало практично смртна пресуда земајќи ја предвид непредвидливата природа на болеста и нејзините манифестации.
Со оглед на денешните известувања на медиумите за ситуацијата со причестувањето во црквите и начинот на кој се прави тоа (причестување со иста лажичка, бакнување икони, групирање, неносење заштитни маски и ракавици…), со непреземањето акција за донесување уредба со сила на закон за ограничување на слободата на изразување на религијата неопходно во интерес на јавното здравје, Владата на РСМ е соучесник на МПЦ во ширењето на КОВИД-19 и сноси одговорност, пред сѐ морална, за штетите по здравјето кои евентуално би настанале како резултат на непочитување на мерките и препораките за заштита и превенција од КОВИД-19.
Ова што ни го прави МПЦ практично се граничи во религиозен тероризам, во поинаква форма од вообичаените, но не помалку опасна бидејќи бројот на жртвите може да биде голем. Државата мора час поскоро да преземе решителни и недвосмислени чекори за превенција на ваквото неодговорно однесување на православните свештеници и еден дел од припадниците на оваа религија кои го загрозуваат и своето и здравјето на останатите нивни сограѓани. Христовото воскресение (Велигден) во услови на здравствена криза од глобален размер мора да се празнува соодветно, прилагодувајќи се на околностите, без притоа да навлегувам во филозофски толкувања.
Многу едноставно. Значи, во домовите, во опкружувањето на најблиските. И не само во текот на полицискиот час, туку и надвор од него. Почитувајќи ги насоките од министерството за здравство. За ваше и доброто на вашите сакани, но и за јавното добро. Сѐ друго е себичност.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.