Енергетскиот сектор кој се потпира на фосилни горива, традиционалното градежништво и третманот на отпадот се меѓу главните сектори кои ќе претрпат сериозни измени во трансформацијата кон зелена економија. Борбата со климатските промени и напорите за заштита на животната средина на глобално ниво, но и во Македонија, форсираат премин кон посериозно искористување на обновливите извори на енергија, кон енергетска ефикасност и селекција и рециклирање на отпадот. Ова се економски гранки кои во светот се развиваат неколку децении наназад и привлекуваат сериозен процент од работната сила. Циркуларната економија е единствениот модел за одржливо живеење и опастанок на планетата, и во последните децении има потреба и креира зелени работни места главно фокусирани за зазеленување на овие сектори.
Во процесот на енергетска транзиција, смета Антонио Јовановски од невладината организација „ГоуГрин“, индустриите во фосилните горива ќе искусат пад и губење на работни места, за разлика од секторите на обновливите извори и енергетска ефикасност кои ќе имаат голема побарувачка на работници.
„Според анализите, градежништво ќе има најголем апсолутен пораст на побарувачка на зелени работни места на глобално ниво, додека, пак, производството на електрична енергија од топлинска-соларна енергија се очекува да има најголем процентуален пораст. Со преминот кон зелена економија се очекува да се затворат работни места кои не може да се квалификуваат како зелени, како тие во нафтената индустрија и во секторот на третирање на јагленот“, вели Јовановски.
Преминот кон зелена економија не ја заобиколува ниту Македонија. Статегијата за енергетика во две од трите сценарија предвидува напуштање на јагленот како енергенс и инвестиции во енергетски постројки на сонце и ветер, а енергетската ефикасност го трансформира градежништвото и потребите на модерните домови, кои се водат од начелото дека нејевтината енергија е онаа која нема да се потроши. Енергетскиот систем во земјава е зависен од јаглен, што е една од главните причини што се соочуваме со најзагаден воздух на глобално ниво. Транзицијата кон чисти извори на енергија е неопходна, не само за да се остварат енергетските и климатските цели, туку и да се заштити здравјето на луѓето.
„Процесот на постепено напуштање на термоелектраните за јаглен значи и обезбедување на работни места за илјадници работници од оваа индустрија преку навремено подготвување на план за правична транзиција и стратегија за зелена економија и зелени работни места“, нагласува Јовановски.
Според анализите во Вториот двогодишен извештај за климатски промени на Министерството за животна средина, најголемата потреба за „зелени“ работници се јавува во изградбата на нови згради по стандардите за енергетска ефикасност и надградбата на старите згради, каде до 2035 година, се очекуваат повеќе од 4.000 зелени работни места, потоа во поставувањето на соларни панели над 2.200 работни места, на соларните колектори над 1.500, на ветерните електрани над 500…
Потребата од „зелени“ работници кои се квалификувани да работат со најновите технологии е сè поголема, а предизвик за компаниите е да ги најдат на пазарот на труд. Според проф. Илија Насов, Центарот за плазма технологии „Плазма“ поседува најнови технологии за површинскиот инжинеринг или подобрување на особините на површините на скоро сите материјали, посебно развој на компоненти за сончеви колектори, а компанијата „Камел Солар“ произведува сончеви топлински колектори и најновите хибридни фотоволтаични термални колектори. Вработуваат високо и средно образовани работници, а сите имаат потреба да се надградат со знаење и пракса од повеќе области како познавање на технолошкиот процес, управување со технолошкиот процес, а посебно програмирање на автоматски процеси и управувања.