„На седницата на ДКСК, првото прашање се однесуваше на донациите во време на криза. Како што знаете ДКСК веќе го следи ова прашање со донациите и до надлежните институции достави барање за потребни информации, до Управата за јавни приходи, Царинска управа, Министерството за правда, Министерството за здравство и Секретаријатот за европски прашања. Од сите инфорамции што ги добивме направивме една база на податоци од која видовме дека најголем број на донации се слеани во Министерството за здравство. Ќе го следиме текот на донациите и договоривме веќе средба со директорката на Инспекцискиот совет за следните активности како ќе постапуваме во тој дел заедно со инспекторите“, изјави Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси, на денешната прес конференција.
Ивановска извести дека ДКСК ќе упати барање до Уставниот суд да изврши оценка на членот 64 од Законот за денационализација поради, според нив, спорната продажба на земјиштето спроти „Холидеј Ин“, предмет кој го завршиле, а бил отворен по сопствена иницијатива по наводи изнесени во медиуми за сомневање за злоупотреби со продажбата на парцелата.
По сопствена иницијатива, атикорупционерите го разгледале и предметот по допрен глас за Ден Дончев дека поранешниот дирктор на Фондот за здравство наводно остварувал некакви приходи и утврдиле дека тој нема пријавено дополнителни приходи. Ивановска и информираше дека работат на случајот и дека доколку утврдат неправилности ќе покренат прекршочна пријава за непријавување на дополнителни приходи.
Во однос на постапувањето по предмет во врска со неправилности во работењето на директорот на ЈП за стопанисување со спортски објекти, ДКСК одлучи да поднесе иницијатива до Владата на Република Северна Македонија за утврдување на одговорност на директорот. Имајќи ја предвид содржината на добиените документи ДКСК оцени дека има елементи за основи за сомневање за злоупотреба на службената положба и овластување од страна на именуваниот директор за што до надлежното јавно обвинителство ќе поднесе иницијатива за кривична одговорност.
„Ако во вакви услови се одлучи да се спроведуваат изборите, можеби треба да се пристапи кон некои посовремени начини на организирање на кампањата заради тоа што и во нормални услови кога се одеше од врата на врата, гледано од наш аспект, постои висок ризик за поткуп на гласачи“, рече Ивановска одговарајќи на новинарско прашање за мислење на ДКСК во врска со изборите.