Таа потенцира дека Владата работела две години на тоа да заштеди 3,7 милијарди денари во Пензискиот фонд, со што, како што рече, обезбедила стабилни пензии и за сегашните пензионери, но и стабилен Пензиски фонд за идните генерации.
Мендух Тачи на вчерашната средба со жителите на Општина Брвеница, изјави дека ДПА во власта ќе се применува консензуална демократија, а тој како вицепремиер со право на вето ќе обезбеди еднаква и пропорционална распределба на буџетот.
„Епидемија создаде тешкоти. Добро е што повеќето од заразените оздравуваат, но лошо е што тоа остава последици. Со доаѓањето на ДПА на власт, јас како вицепремиер ќе се залагам државниот буџет да биде ориентиран кон зајакнување на здравствениот систем во албанските населени места. Ова ќе биде приоритет од првиот ден“, рече Тачи.
„Денес ќе презентирам дел од преодната стратегија на ВМРО-ДПМНЕ за справување со здравствено-економската криза, кој се однесува на мерки поврзани со консолидирање на јавните финансии и финансиско консолидирање на земјата, како и мерки кои се однесуваат на финансиска поддршка за граѓаните кои на некој начин се погодени од кризата“, изјави Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во изминатите неколку месеци бевме сведоци на низок капацитет на Владата во менаџирањето со јавните финанасии за што говори податокот дека во првите 5 месеци од годината имаме буџетски дефицит од 307 милиони евра, од кој само во мај буџетскиот дефицит изнесува 110 милиони евра. Според проекциите на МФ годинава ќе ја завршиме со буџетски дефицит од 750 милиони евра што ќе го приближи јавниот долг на Република Македонија до 60% од БДП на земјата. Она што е позагрижувачки е тоа што најголем дел од овие трошења се за непродуктивни цели, а многу помалку за справување со кризата“, додаде тој.
Пратеници – волонтери – е предлог на Македонски концепт со кој пратениците ќе бидат волонтери во служба на граѓаните. Ова е закон со кој пратениците ќе работат на волонтерска основа, и затоа нема да бидат платени од собрание, нема да патуваат и да користат патни трошоци, нема да користат трошоци за живеалиште. Овој закон е и еден од условите за Македонски концепт да придонесе и да се вклучи во формирање влада.
„Години наназад слушаме за енормни суми за патни трошоци што ги побаруваат пратениците, слушаме за афери дека пратениците од другите градови имаат сопствени станови во Скопје, кои ги изнајмуваат, а државата на нив им плаќа за престој. Слушаме баснословни суми потрошени во собраниската кафетерија, за плати на пратениците а за возврат што добиваме. Добиваме закони за кои граѓаните не го дале својот глас. Добиваме пратеници кои дејствуваат соодветно партиските цели, Влада и Парламент што се производ на пазарења и договарања. Многу празни ветувања се изнаслушавме во изминативе 20 години, многу поделби, многу разочарувања за граѓаните и фрустрации, зошто некој да троши толку државни пари, пари што граѓаните ги даваат а не работи во корист на истите тие граѓани. Време е за Закон за пратеници волонтери”, рече на Жарко Бошкоски, носител на листата од Изборна единица 4.
Според нив, пратениците – волонтери, ќе си ја продолжат својата професионална кариера според нивната примарна вокација и ќе останат во своите живеалишта, а законите ќе се донесуваат само еден ден во неделата.
„Пратениците волонтери ќе бидат овозможени да користат слободни денови од работните места, кога заседава Собранието. За тие денови ќе им биде обезбеден и организиран превоз или автобуска карта, без никаков надоместок. Исто ќе биде обезбедена бесплатна храна во собранискиот ресторан. За пратениците кои работат во приватен сектор, државата ќе им надомести дневници на сопствениците на компаниите, кои имаат чест да вработуваат републички пратеник, само за оние денови кога истите се отсутни од работа, поради службени потреби. Оние кои работат во јавен сектор, ќе користат само слободни денови, за кои ќе примаат редовна плата“, изјави Бошкоски.