Лаима Адрикиен е литванска политичарка, родена во Вилнус на 1 јануари 1958 година. Член е на литванското народно движење „Шаџидис“ (1988-1993), на Врховниот совет на Литванија, потписник на Актот за повторно воспоставување на државата Литванија. Била министерка за трговија и индустрија, министерка за европски прашања и пратеничка во литванскиот и во Европскиот парламент.
– Пандемијата на коронавирусот создава многу предизвици за сите изборни чинители, во сите погодени земји: изборната администрација, учесниците во изборите, како и активностите за набљудување на изборите. Мисиите кои ОДИХР ги испрати за набљудување на претседателските избори во Полска (прв круг на 28 јуни, втор на 12 јули) или на парламентарните избори во Србија (28 јуни) имаат ист формат, т.е. тоа се специјални мисии за проценка на избори. Сепак, сакам да ве уверам дека ОДИХР и Специјалната мисија за проценка на изборите во Северна Македонија се посветени на исполнување на својот мандат за набљудување на овие значајни избори и покрај предизвиците и промените во форматот на мисијата. Таа почна со работа во Скопје на 22 јуни, т.е. пред официјалниот почеток на изборната кампања, и ќе работи до 23 јули.
Првичната информација беше дека ОДИХР ќе испрати тим од само 7-8 експерти, што предизвика реакции од некои политички партии дека со ова се потценува изборниот процес и дека таквиот состав не гарантира фер и демократски избори. Како Вие гледате на тоа?
– Набљудувањето на изборите е важна алатка за промовирање на интегритетот на изборите и демократијата. ОДИХР, во согласност со својот мандат, ги набљудува и ги оценува изборните процеси во регионот на ОБСЕ. Северна Македонија е суверена земја којашто има одговорност да гарантира фер и демократски избори за доброто на сите свои граѓани. Ние не го надгледуваме, ниту пак помагаме во планирањето на кој било дел од изборниот процес, вклучително и процедурите на денот на гласањето. Овој принцип на целосно немешање ни овозможува да понудиме објективни и кредибилни наоди за начинот на спроведување на изборите. Клучно е што ОДИХР не дава совети за време на изборниот процес, но нашиот конечен извештај ќе содржи низа препораки. Нашата мисија е посветена на спроведување ефективно набљудување, онолку колку што е тоа можно во дадените околности, притоа давајќи приоритет на безбедноста на набљудувачите и на граѓаните на земјата домаќин.
Можете ли да ни кажете нешто повеќе за составот на тимот на СЕАМ и што точно ќе следат овие експерти?
– Мисијата одблиску и детално ќе ги следи сите аспекти на изборниот процес. Главниот тим се состои од 9 члена, од 9 земји членки на ОБСЕ. Нашите аналитичари ги следат следниве теми: изборната администрација, регистрацијата на гласачи, политичката кампања и финансирање на кампањата, медиумското покривање на изборите, приговорите/жалбите и механизмите за решавање на спорови, како и целокупната правна рамка за изборниот процес. Мисијата вклучува опсежен елемент за набљудување на медиумите во текот на целата кампања, којшто ќе придонесе за подобра проценка на кампањата. Јас сум од Литванија, заменик шефот на Мисијата е од Полска. Другите членови на главниот тим се од САД, Велика Британија, Украина, Шпанија, Белорусија, Унгарија и Киргистан, а поддржани сме и од национален тим.
Мисиите на ОДИХР обично се составени од десетина долгорочни и околу 250 до 280 краткорочни набљудувачи. Ова сега секако не е случај. Како ќе успеете да го покриете целиот изборен процес без набљудувачи?
– Сите живееме и работиме во оваа земја во истото опкружување. Нашите активности за набљудување се погодени од пандемијата на коронавирусот и нашата Мисија треба да се прилагоди на моментната состојба. Мисијата мораше да ги ограничи своите патувања на минимум, со цел да го минимизираме епидемиолошкиот ризик во земјава. Патувањата на денот на изборите исто така ќе бидат ограничени. Членовите на Мисијата строго ги следат сите важечки национални протоколи за здравствена заштита. Веќе посочив дека ОДИХР и дава приоритет на безбедноста на набљудувачите и на граѓаните на земјата-домаќин. ОДИХР ги смета изборите за процес што трае многу подолго од самиот ден на гласањето. Ние нема систематски да го набљудуваме денот на изборите низ целата земја, но членовите на главниот тим ќе посетат одреден број избирачки места и општински изборни комисии на денот на изборите за да ги проследат процедурите за гласање, броење и сумирање на гласовите. Нашата Изјава со прелиминарни наоди и заклучоци ќе биде објавена на 16 јули, еден ден по изборите, и ќе ги содржи нашите прелиминарни наоди и заклучоци во врска со изборниот процес. Истиот ден ќе одржиме и прес-конференција за да ги презентираме наодите. Финалниот извештај ќе биде објавен околу 8 недели по денот на изборите и ќе содржи заклучоци и евентуални препораки. Изјавата со прелиминарните наоди и заклучоци ќе ја вклучува процената што е направена за да се утврди дали изборите биле во согласност со заложбите на ОБСЕ, со меѓународните обврски и стандарди за демократски избори и со националното законодавство. Конечната проценка на изборите ќе го вклучува и спроведувањето на преостанатите фази на изборниот процес, вклучувајќи ги целосните бројки, сумирањето и објавувањето на резултатите и постапувањето со потенцијалните приговори и жалби добиени по денот на изборите.
Целото интервју може да го прочитате на Слободен печат.