Како лагата добива изглед на вистина – што е перење пропаганда? (ИНФОГРАФИК)
Една пропагандна порака може да помине низ десетици портали, профили на социјални мрежи и јавни личности, сè додека не се изгуби трагата до нејзиниот вистински извор. Тогаш, лагата почнува да изгледа како потврдена информација. Како функционира овој механизам?
Перењето пропаганда (propaganda laundering), познато и како информациско перење (information laundering), е техника на информациска манипулација со која лажни, извртени, селективно претставени или политички мотивирани информации се пренесуваат преку повеќе посредници, при што постепено се прикрива нивното потекло и им се создава привид на веродостојност.
Принципот е сличен на перењето пари. Како што незаконски стекнатите средства се префрлаат низ различни финансиски трансакции за да се прикрие нивното потекло, така и пропагандните пораки минуваат низ синџир од медиуми, платформи и посредници за да добијат изглед на независни, проверени информации.
Суштината на перењето пропаганда е едноставна. Не мора да ја направите лагата вистинита. Доволно е да ја направите да изгледа веродостојно.
Како функционира перењето пропаганда?
Процесот најчесто опфаќа неколку фази што можат да се преклопуваат.
1. Создавање на пораката
Сè започнува со одредено тврдење, наратив или манипулативно толкување на вистински настан. Изворот може да биде државен пропаганден медиум, политички центар, анонимен портал, лажен профил или организирана информациска мрежа.
Пораката не мора да биде целосно измислена. Често содржи вистински факти, но извадени од контекст, со премолчени клучни информации или со манипулативен наслов.
2. Пренесување преку посредници
Првичната содржина ја преземаат други портали, блогови, профили на социјални мрежи или јавни личности. Тие ја преведуваат, преработуваат, дополнуваат или ѝ го менуваат насловот. Понекогаш пренесувањето е координирано, а понекогаш се случува преку актери што ги делат истите политички или идеолошки ставови.
Со секое следно објавување, изворот станува помалку видлив.
3. Создавање привид на потврда
Кога истото тврдење се појавува на десетици различни места, публиката може да стекне впечаток дека повеќе независни извори ја потврдуваат информацијата.
Ова е поврзано со таканаречениот Вузл-ефект (Woozle effect), кога повторувањето и меѓусебното цитирање создаваат привид на докази, иако сите објави можеби потекнуваат од едно единствено, непроверено тврдење.
4. Влез во главниот информациски тек
Во завршната фаза, содржината може да биде преземена од поголеми медиуми, политичари, коментатори или јавни институции. Тие се повикуваат на посредниците, а не на првичниот извор.
Така пропагандната порака добива нов легитимитет. Нејзиното потекло е замаглено, а публиката гледа информација што навидум доаѓа од повеќе веродостојни места.
Како тоа изгледа во практика?
Да замислиме еден поедноставен, хипотетички пример.
Пропаганден портал објавува непоткрепено тврдење дека Европската Унија подготвува мерка со која ќе им забрани на земјите од Западен Балкан да ги негуваат своите национални традиции.
Неколку помали портали ја преземаат веста. Во еден од нив се појавува под наслов „Брисел ги напаѓа традиционалните вредности“. Друг објавува коментар со прашањето „Дали Европа сака да ни го избрише идентитетот?“.
На социјалните мрежи започнуваат масовни споделувања. Политички коментатор се повикува на „повеќе медиумски извори“, а партиски функционер бара јавна реакција. Потоа, поголем медиум објавува прилог за „контроверзната европска иницијатива“. Во меѓувреме, никој не го проверил првичното тврдење.
Една непоткрепена приказна се претворила во политичка тема. Не затоа што била докажана, туку затоа што била повторувана.
Реален пример: „Портал Комбат“ и мрежата „Правда“
Еден од најзначајните документирани примери на организирана инфраструктура за ширење и рециклирање пропагандни содржини е руската мрежа „Портал Комбат“ (Portal Kombat).
Француската државна служба за заштита од странско дигитално мешање, VIGINUM, во февруари 2024 година откри мрежа од 193 интернет-портали што систематски дистрибуирале проруски содржини. Подоцна беше документирано нејзиното проширување и кон други држави, вклучително и Северна Македонија.
Во рамките на оваа инфраструктура дејствува и повеќејазичната мрежа „Правда“, која презема и дистрибуира содржини од руски и проруски извори, приспособувајќи ги за различни национални и јазични публики.
Истражувањата покажуваат како автоматизираното пренесување, преведувањето и масовното објавување можат да го засилат досегот на пропагандните наративи и да го отежнат препознавањето на нивното потекло.
Овој пример покажува дека современото информациско влијание не се потпира само на една телевизија или еден портал. Се потпира на цела инфраструктура за производство, пренесување и засилување на пораки.
Улогата на вештачката интелигенција
Со развојот на генеративната вештачка интелигенција, перењето пропаганда добива дополнителни можности.
Еден наратив може речиси истовремено да се претвори во десетици различни текстови, преводи, видеа, слики и аудиосодржини. AI-генерирани водители, синтетички гласови и визуелни материјали можат да им дадат привид на професионална продукција на содржини што немаат веродостојна изворна основа.
Дополнителен ризик е што ваквите содржини можат да се појават во резултатите на пребарувачите и системите со вештачка интелигенција, создавајќи впечаток дека одредено тврдење е добро документирано затоа што се среќава на многу различни места. Но количеството информации не е доказ за нивната вистинитост.
Како да се препознае перењето пропаганда?
Постојат неколку предупредувачки знаци:
Исто тврдење се појавува на повеќе портали со речиси идентична формулација, но без јасно наведен оригинален извор.
Медиумите меѓусебно се цитираат, без ниту еден да приложи независна потврда.
Се користат изрази како „експертите тврдат“, „според извори“ или „странските медиуми објавија“, без можност да се провери на кого се однесуваат.
Насловите стануваат сè посензационалистички при секое следно пренесување.
Политичари или инфлуенсери ги претставуваат повторените тврдења како докажани факти.
Сепак, важно е да се нагласи дека не секое преземање вест е перење пропаганда. Легитимното новинарство редовно цитира други медиуми. Клучната разлика е во проверката, транспарентноста на изворите и постоењето на манипулација со содржината или нејзиното потекло.
Исто така, повторувањето на една порака само по себе не докажува координирана операција. За таков заклучок се потребни дополнителни докази.
Зошто ова е опасно за демократијата?
Перењето пропаганда го нарушува еден од основните предуслови за информирано демократско општество – можноста граѓанките и граѓаните да утврдат од каде доаѓа информацијата и врз кои докази се темели. Кога изворот е прикриен, одговорноста исчезнува. Кога повторувањето се претвора во замена за докази, јавната дебата станува ранлива на организирани манипулации.
Особено опасно е кога ваквите механизми ги поттикнуваат меѓуетничките и верските поделби, недовербата во демократските институции или оправдувањето на воена агресија.
Перењето пропаганда не ја менува само содржината на информациите. Тоа го менува начинот на кој публиката проценува што е веродостојно.
Затоа, следниот пат кога ќе прочитате дека „сите медиуми известуваат“ за нешто, вреди да поставите едно едноставно прашање:
Дали навистина има повеќе независни извори или една иста порака само поминала низ повеќе перални?