На средбата се потврдени силните пријателски односи помеѓу двете држави и големата поддршка што ја има нашата земја, од Словенија, во евроинтеграцискиот процес и е констатирано интензивирање на соработката на државите во изминатите неколку години.
На состанокот е оценето дека Северна Македонија и со реализацијата на парламентарните избори покажа голем потенцијал за натамошен демократски развој. Констатирано е дека земјава бележи голем напредок во изминатите три години, што ретко кој веруваше дека е возможно да се случи, преку затворањето на билатералните прашања со соседите, членството во НАТО, отворените европски перспективи. Констатирано е дека сето тоа е резултат на визијата, планот и политичката волја на водството на земјава. При тоа, изразена е согласност дека сега треба да се продолжи со реализацијата на големиот проект ЕУ, што носи добар живот на граѓаните и резултати на економски план.
Спасовски му врачи благодарница на словенечкиот амбасадор Јазбец за неговиот личен голем придонес во демократските процеси во државава, како и за големата пријателска поддршка од Република Словенија.
„Сите крупни прашања ги затворивме, се реализираат стратешките цели, членството во НАТО и исчекорот во евроинтеграциите и сето тоа можеше да се постигне само со искрени пријатели како што сте Вие и Република Словенија. Сега, по изборите, сме фокусирани на формирањето на институциите согласно законските и уставни рокови, коишто ќе го продолжат евроинтеграцискиот развој на државата, бидејќи граѓаните одбраа сигурен и извесен пат за развој на земјата, на реализираните, здравствено безбедни, слободни, фер и демократски парламентарни избори“, рече Спасовски.












