пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Еврејската заедница во Бугарија го квалификува како „антисемитизам“ и реагира остро против Каракачанов и неговите етикетирања на луѓе од граѓанските движења како „соросоиди“.
Кај нас, етикетирањето како „соросоиди“ на луѓе, па и на многу луѓе кои немаат никаква врска со фондацијата на Џорџ Сорос, трае со години. Досега не се сеќавам дека сум чул реакција на оваа тема од еврејската заедница во Македонија.
Но, не е чуден само молкот на еврејската заедница. Уште почудно е кога ќе видите како најголемите „соросоиди“ во земјава ги поддржуваат нивните довчерашни или денешни плукачи и вербални џелати. Се разбира, кога плукаат и мразат некој друг.
Не знам дали мислат дека така ќе им биде „простено“ и ќе бидат спасени од плукање следниот пат, кога плукачите ќе бидат на власт? Или пак омразата кон „заедничкиот непријател“ е поголема од сите навреди, физички напади, закани, плукања, лаги изречени на нивна адреса?!
Не знам како вие го квалификувате ова, драги мои, но за младиќот, наспроти ваква психичка состојба, „Стокхолмскиот синдром“ личи на детска настинка.
Ви го кажувам ова како човек кој „ничим изазван“, без никогаш ниту денар заработен од проекти на Сорос, застана да ги брани „соросоидите“ тогаш кога беа под најжестоки напади на Груевски и неговата „десоросоизација“. Куферчињата на Сорос ме одминаа, и сè што заработив се безброј плуканици, клевети, закани, па и неколку обиди за физички напади, како и етикетата „соросоид“, која гордо ја носам, иако, да бидеме искрени, воопшто не ја „заслужувам“.
Сега, пошто е модерно, се прашувам и јас, да не треба да му тропнам на надвојводата од Будимпешта и да му побарам прошка!?
#AluminiumOverMaximum
#NieSmeLudaci