Новата влада предводена од СДСМ и од претседателот Зоран Заев има план за иновативна, стабилна, конкурентска економија, која ќе обезбеди стабилен економски раст, зголемување на минималната и на просечната плата, велат од СДСМ.
„Владата ќе продолжи со своите докажани заложби: раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 отсто и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 отсто.
Минимална плата 20.000 денари и 34.000 денари просечна плата до крајот на четиригодишниот мандат се целите на новата влада предводена од СДСМ и Зоран Заев.
Стапката на невработеност, за време на кризата ќе ја држиме стабилна, а по завршувањето на кризата ќе продолжиме да ја намалуваме за 3 отсто годишно. Конечна цел е едноцифрена стапка на невработеност до крајот на мандатот.
Македонските граѓани на изборите ги поддржаа политиките кои водат напред, кон подобра иднина за сите, заедно можеме уште повеќе и уште подобро“, соопштуваат од Центар за комуникации со јавност на СДСМ.
Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека Зоран Заев и СДСМ ги изманипулираа граѓаните пред избори. Во јуни Заев вети 36.000 денари плата, сега од собрание ретерира и вели 34.000 денари.
„Заев вчера и призна дека нема план како да ја води државата. Заев и СДСМ не ги ни спомнаа земјоделците, пензионерите и многу други категории на граѓани кои ги лажеа пред избори.
Заев вчера најави крах.
СДСМ не беше во можност да се справи со првиот бран на коронавирусот и позајми над 1 милијарда евра, за кои никој не знае каде завршија. А сега прогнозира уште потешка криза и тоа која ќе трае подолго од првата. Кога за првата потриши 1 милијарда, колку ќе потроши за втората?! И кои ќе бидат последиците врз економијата?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Д.М.