Професорката Мирјана Најчевска на панел дискусијата на тема „Дискриминацијата и вработувањето во јавниот и приватниот сектор“ во организација на ЦИВИЛ, истакна дека укинувањето на Законот за заштита од дискриминација било неоправдано, со погрешно читање на Уставот и законите, и дека со тоа факт е дека ја донеле државата во ситуација да има еден вакуум, да нема законска регулатива со која граѓаните би се штителе од дискриминација.
„Не треба да има различен третман поради одредена карактеристика на човекот, пособено кога станува збор за вработување во приватниот сектор“, истакна Најчевска.
„Го избегнувам зборот позитивна дискриминација, афирмативна дискриминација кога се дава свесно предност на одредена категорија на лица. Прво, нашиот систем се базира на правата и слободите на индивидуата, на ваков начин ги внесуваме колективите, кои се над индивидуата. Го негираме граѓанскиот принцип, кој беше карактеристичен на поранешна политичка структура“, додаде Најчевска.
Најчевска додаде дека во државава секогаш се одбегнува расправата за оваа проблематика.
„Она што ми пречи во оваа работа, со отсуството на демократијата, е осуството на расправа за оваа проблематика, имаме нешто што се наметнува одозгора, нема расправи, насоки кои доаѓаат како потреба од самите граѓани за воведување на ваква мерка, туку на некој му текнало да направи вакво нешто“, додаде Најчевска.
А. Петровска