Најмалку 16 пријави, кривични или прекршочни со платни налози, ќе поднесе Пазарниот инспекторат против угостителски објекти во Скопје, Тетово и во Струмица, откако при инспекциите во изминатата ноќ се утврдени прекршувања на протоколите и мерките за заштита од Ковид-19, како и пречекорување на работното време, изјави за МИА директорт на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.
И покрај забраната за организирање затекнати се свадбени церемонии во седум објекти, направени се записници и во наредните три дена ќе бидат преземени мерки за проднесување кривични пријави. Конкретно, казнети ќе бидат ресторан во Струга за организирање две свадби и на долниот и на горниот кат, еден од Струмица, а ќе има санкции и за две свадби во угостителски објекти затекнати во Тетово и за четири во Скопје.
Пауновски меѓу примерите за непочитување на мерките раскажа дека и покрај тоа што инспекторите синоќа во скопски локал го предупредиле газдата дека треба да ги размести масите и тој пред нив го направил тоа, откако тие си заминале таму повторно имало по седум осум лица на маса. Ја известиле и полицијата која потоа интервенирала, а против локалот ќе има кривична пријава. Кривична пријава, најави пауновски, повторно ќе заработи и дискотека во Струмица, каде синоќа исто така имало забава и е направен записник.
Дваесет инспекциски екипи вчера вршеле контроли низ целата држава и како што вели Пауновски, некаде се почитуваат протоколите, некаде има мали отстапувања и тие случаи поминуваат и со опомени.
Вчера во земјава беа регистрирани рекордни 243 нови случаи на КОВИД-19, од вкупно 1831 тестирање.
Министерот за здравство, Венко Филипче, пред два дена имаше консултативна средба со членовите на Комисијата за заразни болести, каде ја анализирале актуелната епидемиолошка состојба и зголемениот број на нови случаи со ковид-19.
Како што дознава „Слободен печат“ од членови на Комисијата за заразни болести, на утрешната седница на која ќе присуствува и министерот за здравство Венко Филипче, дефинитивно ќе има воведување на нови рестриктивни мерки за подрачјето на Скопје.
– Мерки ќе мора да има, зашто вака работата повеќе не оди, изјави за „Слободен печат“ директорот на ЦЈЗ Скопје и член на Комисијата за заразни болести Александар Стојанов.
Тој додаде дека деталите ќе бидат познати по седницата на Комисијата. Предвид доаѓаат ограничувања на работното време на угостителските објекти каде навечер нема “игла каде да се фрли”, а во кои посетителите не носат заштитна опрема и каде се собираат големи групи на граѓани.
А. П.











			
