За позициите на Северна Македонија и Бугарија и можноста за нивно приближување, телефонски разговараа и Пендаровски и Радев, откако бугарскиот претседател претходно свој став за актуелните интензивни дипломатски активности на релација Скопје – Софија објави на неговиот фесјбук-профил и притоа порача дека очекува бугарската Влада да се избори во членот 35 од преговарачката рамка за Република Северна Македонија да ја вклучи националната рамковна позиција усвоена едногласно од Народното собрание пред една година.
„Претседателите на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и на Бугарија Румен Радев денеска телефонски разговараа за позициите на двете држави во однос на условите за започнување преговори на нашата држава за членство во Европската Унија. Двајцата претседатели разговараа за можноста да се постигне одржливо решение за европскиот развој на нашиот регион и, особено, за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија“, соопшти кусо кабинетот на претседателот Пендаровски.
Вчера од Владата уште еднаш го потврдија својот став, а тоа е оти македонскиот јазик и идентитетот се факти потврдени од ОН и дека за ова не треба да има дилема, како и дека нема потреба од нов договор или од анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година. Овој Договор, рече вчера владиниот портпарол Душко Арсовски, е добра основа и рамка за да продолжат разговорите во насока на изнаоѓање решенија.
Со цел доближување на ставовите на Северна Македонија и Бугарија, во рамки на дипломатските напори на Германија за остварување на таа цел, неодамна се одржа и средба на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на димпломатијата Бујар Османи со министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева на инцијатива на нивниот германски колега Хајко Маас, по која беше соопштено дека бил постигнат мал напредок.












