Џабир Дерала
Самитот ЕУ-Западен Балкан, одржан на 5 јуни во црногорскиот град Тиват, јасно покажа дека Брисел ја менува брзината. Со сите свои слабости, ЕУ сѐ почесто покажува знаци дека, наместо апстрактни ветувања за проширување, фокусот сега го изострува на конкретна, но строго условена интеграција. Додека Црна Гора гази кон целта да стане 28-ма земја членка до 2028 година, поставувајќи стандард за целиот регион, делегацијата на Северна Македонија предводена од премиерот Христијан Мицкоски се обиде да балансира меѓу европскиот прагматизам и домашниот – благо да го наречам – суверенистички популизам, иако сите знаеме подобри и попрецизни изрази за тоа (како во насловот).
ЕУ ја форсира стратегијата на „постепена интеграција“, која им овозможува на земјите од Западен Балкан да ги користат придобивките од единствениот пазар уште пред полноправното членство. Клучните придобивки вклучуваат проширување на иницијативата „Роаминг како дома“ и интеграција во Единствената област за плаќања во евра (SEPA), што е од витално значење за економијата.
Моторот на овој процес е Планот за раст вреден 6 милијарди евра. Но, пораката од Тиват беше недвосмислена: нема пари без докажани реформи. Исплатата на овие средства е директно врзана за мерлив напредок во владеењето на правото, пазарната интеграција, зелената транзиција и дигитализацијата.
Или барем така изгледа на хартија. За тоа како навистина се делат тие средства – по принципот „штиклирање“ на завршени работи врз основа на извештаи што не секогаш кореспондираат со реалноста – во првата наредна прилика.
Освен економијата, безбедносната архитектура беше централна тема. Во ера на руска агресија врз Украина, ЕУ го зајакнува регионот преку Европскиот мировен фонд (EPF) и новите Партнерства за безбедност и одбрана. Во Тиват беше најавено институционално поврзување со Европскиот штит за демократија и Системот за брзо предупредување (RAS) за борба против дезинформациите – особено оние малигни наративи кои преку социјалните мрежи имитираат легитимни медиуми за да перат руска пропаганда.
И овде има што да се анализира за тоа како руските инсталации во дел од владите на Западен Балкан користат европски пари да продолжат со своите операции, во соработка со невладините фолиранти и медиумите.
Во овој контекст, усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика (CFSP) на ЕУ е црвената линија. Сите лидери од Западен Балкан се усогласија со Декларацијата од Тиват, со исклучок на Србија, која продолжува со познатата тактика на геополитичко „балансирање“.
Кога станува збор за учеството на Северна Македонија, и овој Самит беше класичен пример на политичка „игра на две нивоа“. Во Тиват, премиерот Мицкоски се фокусираше на директна, билатерална дипломатија.
На маргините на самитот, тој се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Целта на оваа меѓународна фасада беше владата да се претстави како конструктивен, проевропски партнер кој е посветен на реформите. Мицкоски не крие дека е особено охрабрен од пофалбите на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за време на неговата посета на Скопје на 2 јуни.
Стратегијата „фото сесии за јавноста“ и кратки средби зад затворени врати – кои најчесто не значат ништо – е позната. Потоа, сѐ се сведува на тоа да се префрли вината за блокираниот процес исклучиво на бугарското вето, да се проектира компетентност преку технички реформи и да се купи време преку барање „разбирање“ за алтернативни решенија, како што е предлогот за „уставни измени со одложено дејство“.
Политичките изјави на средбите од овој тип се во директна колизија со реториката која се сервира на домашната јавност. Во земјата, власта на Мицкоски одржува ригидна, суверенистичка позиција. Или – да бидеме поконкретни – национализам и популизам во комбинација со заробување на државата. Компромисите не се претставуваат како чекор кон ЕУ, туку како капитулација пред „бугарскиот диктат“, а секој што се обидува да дискутира за клучните прашања разумно и со аргументи – се покажува со прст како предавник.
Овој политички јаз станува сè потежок за одржување. Посетата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во Скопје, непосредно пред Самитот сурово ја разби илузијата што се негува дома. Кошта јавно го повтори она што Брисел постојано го кажува: уставните измени се единствениот услов за отворање на поглавјата. Нема нова преговарачка рамка, ниту предоговарање на условите. Колку тоа наиде на одзив во медиумите што се под цврстата контрола на власта, може да се утврди лесно и со минимални напори.
Ако одиме само еден чекор понатаму, неминовно се наметнува потребата од предупредување дека оваа состојба создава плодна почва за хибридни закани – колку и да звучи тоа алармистички. Кога владата реторички поддржува членство во ЕУ, но практично ги отфрла механизмите за негово остварување, се создава вакуум во кој непречено се шират антизападните наративи и кампањите со дезинформации. Граѓаните остануваат заглавени меѓу насмевките и ракувањата на Мицкоски со Макрон од една страна, и домашната параноја за губење на националниот идентитет од друга. А тоа ги остава вратите за рускиот и српскиот свет ширум отворени.
Затоа, важно е да се соочиме со фактите. Самитот во Тиват потврди дека Европа е подготвена да инвестира и да интегрира, но само за оние кои се подготвени да испорачаат реални, а не само реторички резултати (колку и да има фалинки нивниот систем, како што реков погоре). Времето за седење на две столчиња, и на домашен и на меѓународен план, очигледно истекува.
Поддршка за ЦИВИЛ
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, хибридните закани и авторитаризмот.
Дајте го својот придонес СЕГА













