Хелсиншката комисија на Конгресот на Соединетите Американски Држави упати силна порака за поддршка на работата на Меморијалниот центар Сребреница во Поточари, откако директорот на центарот, Емир Суљагиќ, предупреди дека се подготвува упад од страна на службеници на Министерството за внатрешни работи на Република Српска (МВР на РС).
Во соопштението на Хелсиншката комисија се нагласува поддршката за непречена работа на Меморијалниот центар, без страв и заплашување. Оваа реакција следи по најавата на Суљагиќ за можен упад во просториите на центарот од страна на специјалните единици на МВР на РС, како и за потенцијални апсења на вработените.
Во пораката на американската комисија беше споделена и претходната реакција од август оваа година, кога двопартиска група сенатори и конгресмени реагираше на повиците за сослушување кои полицијата на Република Српска им ги упати на вработени во Меморијалниот центар.
Поради сериозноста на информациите кои ги добил, Суљагиќ донесе одлука на работа во Меморијалниот центар да доаѓа само неопходниот персонал, а не се исклучува ниту можноста за целосно запирање на посетите со цел да се заштити безбедноста на вработените и посетителите.
Од друга страна, МВР на Република Српска преку официјално соопштение ги демантираше овие наводи. Тие истакнаа дека не се планирани никакви активности од видот што го опиша директорот на центарот и ги отфрлија тврдењата за можен упад и апсења.
Сепак, Суљагиќ веднаш реагираше на полицискиот демант, нагласувајќи дека нивното соопштение воопшто не го разубедило.
„Сериозно ги сфаќам нивните намери и планови да упаднат во Меморијалниот центар, бидејќи знам дека постојат. Јас сè уште им верувам на своите очи“, возврати Суљагиќ, останувајќи на ставот дека заканата е реална.
Д. М.












