1680-ти ден од целосната руска инвазија
Најмалку три лица, меѓу кои и дете, загинаа во руските напади врз Кијив и околината во текот на ноќта на 30 септември, според утринските информации од украинските власти што ги пренесува Reuters. Русија употреби ракети и 188 беспилотни летала, а главниот правец на воздушниот напад беше Кијивската област.
Во главниот град загинале две жени. Нападите предизвикале пожари во четири градски реони, а оштетени се станбени и други објекти. Според ажурираниот извештај на Kyiv Independent, во Кијив се повредени пет лица. Во Кијивската област загинало дете, а според Reuters, повредени се уште три лица. Бројките се прелиминарни.
ПВО неутрализирала пет ракети и 155 дронови
Според украинските Воздухопловни сили, руските сили употребиле противбродски ракети Циркон/Оникс, балистички ракети Искандер-М/С-400 и 188 дронови од различни типови. Меѓу нив биле и 86 Шахед дронови со млазен погон.
До 08:00 часот по украинско време, противвоздушната одбрана соборила или потиснала вкупно 160 воздушни цели – пет ракети и 155 беспилотни летала. Регистрирани се погодоци на 18 локации. Во моментот на објавувањето на воениот извештај, нападот сè уште траел, со неколку руски дронови во воздушниот простор.
За размерите на нападот информираше и украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X:
„Ден 1680. Ноќта на 30 септември руските сили ја нападнаа Украина со противбродски ракети Циркон/Оникс, балистички ракети Искандер-М/С-400 и 188 беспилотни летала. Силите за противвоздушна одбрана неутрализираа 160 воздушни цели.“
Ден 1680. Ноќта на 30 септември руските сили ја нападнаа Украина со противбродски ракети „Циркон“/„Оникс“, балистички ракети „Искандер-М“/С-400 и 188 беспилотни летала. Силите за противвоздушна одбрана неутрализираа 160 воздушни цели.#RussiaIsATerroristState#StopRussia pic.twitter.com/GhCalMHXUy
— Larysa Dir (@dir_larysa) September 30, 2026
Амбасадорката ги додаде хаштаговите #RussiaIsATerroristState и #StopRussia.
Продолжуваат борбите на фронтот и теророт врз главниот град
Според утринскиот извештај на украинскиот Генералштаб за 30 септември, пренесен од DSnews.ua, во претходното деноноќие биле регистрирани 213 борбени судири на фронтот.
Новиот воздушен напад се надоврзува на повеќедневните руски удари врз Кијив. Kyiv Independent известува дека нападите сè почесто продолжуваат и преку ден, со последователни бранови дронови што ја оптоваруваат украинската противвоздушна одбрана.
Подготви: Џ. Дерала
Прегледот се заснова на информации достапни утрото на 30 септември, до 8 часот. Податоците за жртвите и штетите се дополнуваат.












