пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Без помош на ЕУ, со ова со што располагаме и, во рамките на сопствените капацитети, во Новата 2021 година Македонија може да направи суштински промени во повеќе области.
Може да укине најголем дел од управните и надзорните одбори.
Може да ги намали привилегиите на функционерите во централната и локалната власт.
Може да пренамени најголем дел од средствата наменети за Владата и да ги насочи кон заштита на животната средина.
Може да го намали бројот на дипломатско-конзуларните претставништва во светот.
Може да го намали бројот на општини на ниво соодветно за територијата на Македонија.
Може да го заштити јавното добро.
Може да започне процес на испитување на потеклото на имотот на сите функционери во власта.
Може да воспостави систем на најстрого казнување и на најмало прекршување на законите на секој носител на функција.
Може да даде посебни привилегии за тие кои живеат надвор од главниот град.
Може да воспостави моќна инспекторска служба за заштита на животната средина.
Може да го преполови бројот на концесии издадени за минерални ископи.
Може да воспостави даночна обврска за религиозните институции.
Може да почне да постапува согласно препораките во ревизорските извештаи.
Може да забрани донесување закони по скратена постапка и менување на законите пред истекот на 3 години од нивното донесување.
Може да го ограничи градењето во главниот град, а да го стимулира градењето надвор од главниот град.
Може да ги преполови дневниците за патување во странство на функционерите.
Може да воспостави систем на користење јавен превоз за сите функционери.
Може да ги преземе барем првите чекори со кои ќе се спротивстави на спрегата: извршители, банки и нотари.
За ништо од ова не се потребни дополнителни или значајни финансиски средства, ниту пак некои посебни know-how техники кои треба да ги преземеме од ЕУ.
Потребна е само власт, а не криминално здружение.
Власт каква што до сега не сме имале.
Сега имаме шанси да излеземе од стапицата. Ајде да не ја пропуштиме шансата.
Пусти новогодишни желби.
Да бидат работите уште полоши, некој вчера ми тврдеше и дека не постои Дедо Мраз.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторката.