На конференцијата на ЦИВИЛ „Перспективи 2021“, Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи, зборуваше за предизвиците, но и успесите на УЈП.
„Управата за јавни приходи функционира во корона време што е несвојствено за институцијата и за нашите работни процеси кои се доста сензитивни, но сепак наоѓаме начин да се адаптираме на условите. Доказ за тоа се огромните економски мерки кои ги спроведовме како институција бидејќи бевме максимално вклучени во сите економски пакет мерки и горда сум што со мојот тим успеавме да постигнеме видливи резултати“, истакна Лукаревска.
Таа вели дека во 2021 година УЈП има предизвик да се води по принципот на модернизизација и дигитализација.
„Една од обврските е да имаме одлична наплата на даноците и приходите, односно да го остваруваме планот кој ни е зацртан за висока наплата и да го наполниме буџетот, бидејќи тоа се зашите надлежности и работа“, нагласи таа.
Лукаревска истакна дека извештаите на Светска банка и Меѓународен монетарен фонд постојано посочуваат дека треба да се воведе целосна дигитализација на услугите.
„Квалитетот и капацитетот на човечки ресурси ќе биде наш приоритет во следниот период, бидејќи оваа институција има околу 1.200 вработени, дел од кадарот заминува во пензија и тој кадар треба да се обнови и ќе имаме потреба од огромен број на инспектори кои ќе влезат во УЈП. Успешни инспекциски контроли се врзани со бројот на инспектори. Дел од тие контроли се со цел борба против сивата економија“, потенцира Лукаревска.
Таа нагласи дека ќе продолжи УЈП да ги таргетира несовесните даночни обврзници, меѓутоа истакна и дека ќе се борат со тие кои ја злоупотребуваат својата службена положба.
„Си зададовме една цел а таа е ја надградуваме, унапредуваме, од година во година, дека ќе продолжиме со успешната соработка со коморите, бидејќи тие се наши видни партнери и соработници, меѓутоа и на моменти се најдобронамерни критичари коишто ни алармираат за оние процеси што треба да ги промениме за подобро да може да функционира економијата. Тука станува збор и за самите даночни обврзници бидејќи УЈП всушност се даночните обврзници. Симболиката за УЈП се надевам дека успевме да ја смениеме од репресија и да влеземе во една фаза на превентивност, а тоа значи дека продолжуваме и понатаму да градиме партнерски односи со компаниите…
Успешна Управа за јавни приходи значи успешен буџет, значи успешна економија и значи успешна држава. Јас очекувам дека ќе ја надминиеме оваа корона криза. Очекувам, исто така, дека во наредниот период ќе постигнуваме резултати. Очекувам дека во наредниот период ќе има успешни економски политики што ќе бидат креирани од Владата, дека ќе има повеќе пари во буџетот за развој на економијата, инфраструктурата, за унапредување и на здравството, образованието во сите оние сегменти и сфери на општеството. Очекувам декаи на меѓународен план да нижеме успеси…“, изјави Лукаревска.
Д.М.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети












