Грција ги поддржува евроинтеграциите на Западен Балкан, можеме да ѝ бидеме најдобар сојузник на Северна Македонија, а во спроведувањето на Договорот од Преспа има напредок, но новото име треба да го користат сите, порача шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на вчерашната средба во Атина со министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи.
-Грција е подготвена да обезбеди техничка помош за да се поддржат напорите на земјите од Западен Балкан за пристапување кон ЕУ. Во овој контекст дозволете ми да потенцирам дека целосното, конзистентно имплементирање на Договорот од Преспа е начин за обезбедување на напредокот. Две години откако Договорот стапи во сила, препознаваме дека има напредок во спроведувањето на промената на името. Но, потребен е поголем прогрес – од една страна во користењето на името и терминологиите од сите државни институции и приватни субјекти, вклучувајќи и интернет-страници, а од друга страна потребен е и прекин на антиквизацијата – отстранување на сонцето од Вергина од сите јавни површини, преименување на патишта и објекти. Она што е кристално јасно во Преспанскиот договор е јасноста за она што се случи во античкиот период, а едно е јасно – со сета почит, вашите сонародници, а вие тоа го прифативте, не биле дел од кампањите на Александар“, изјави Дендиас.
Двајцата шефови на дипломатијата разговарале и за пандемијата на ковид-19, за што Дендиас посочил дека Грција вложува напори за обезбедување вакцини и за Северна Македонија, а тој лично ќе продолжи со напорите, но дека и премиерот Киријакос Мицотакис е многу активен во овој контекст.
-Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план“, изјави Османи.