Оливер Андонов
Измината недела, како и вообичаено, имаше грст локални настани и дребулии на политикантската сцена во Македонија, но главен настан со вистинска политичка тежина е Извештајот на Европскиот Парламент за напредокот на Македонија кон ЕУ. Токму тој главен настан Мицкоски се обиде да го препокрие со организација на голем митинг во чест на 36-те години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Забава наменета за членството и со цел испраќање на „цврсти“ веќе слушнати пораки за одбрана на многувековниот македонски идентитет и не напредокот кон ЕУ. Но по истите и веќе досадни и неинвентивни пораки од Мицкоски и подигањето на тензиите со Бугарија од политичко на човечко ниво, и повторно утврдените тешки забелешки во Извештајот на Вајц дека Македонија не напредува, време е да проговориме за тоа што не чека за некоја недела во Анкара. Да кажеме навреме за да не бидеме изненадени и навредени, па потоа друг да ни е виновен. Без разлика на тоа што Мисајловски во улога на министер за одбрана се обидува преку ПР на ФБ да го превенира тоа што не чека. Патем, без скромност, јас со Дендиас (министерот за одбрана на Грција) имав пријателски разговор уште во 2024 година на GLOBSEC во Прага, а Мисајловски како министер успеа тоа да го направи дури по две години од министерувањето на маргините на министерската конференција во седиштето на НАТО во Брисел. Да не беше Мисајловски во улога на министер за одбрана, никогаш немаше да има можност да разговара со Дендиас. Толку од успешноста и угледот. Туку да се подготвите за Анкара, нема да е лошо.
За помалку од еден месец ќе се одржи Самитот на НАТО во Анкара. Тоа е добра основа да кажеме јавно, јасно и гласно неколку зборови за тоа каде е Македонија во НАТО, да направиме анализа на актуелната наша состојба како земја сојузничка во НАТО, и да ги искажеме очекувањата од претстојниот Самит во Анкара во врска со очекуваниот нов Одбранбен Концепт на НАТО. Нов Одбранбен Концепт во согласност со новите геополитички закани и целите кои НАТО ќе треба да ги постави пред своите членки, но и во однос на меѓусојузничките односи и партнерство.
Дали досегашниот Одбранбен Концепт заснован на одбрана и отпорност е реализиран? Секако дека генерално не, и тоа во делот отпорност е многу видливо. Ова особено се однесува на државите во Јужното крило на НАТО, бидејќи отпорноста се однесува на општествената отпорност кон непријателски влијанија како дел од одбраната и одбранбените способности.
Оттука може да се очекува дека токму отпорноста и во новиот Одбранбен Концепт на НАТО ќе биде на прво место, бидејќи врз основ на искуствата од Украина, но и од војната во Иран, се покажа дека отпорноста на општеството кон влијанија и хибридни закани, но и отпорноста на населението во однос на заштитата и спасувањето и пред се прифаќањето на војната како реалност и секојдневие во кое мора „нормално“ да се живее и работи е од исклучителна и пресудна важност за организирање на одбраната и способноста на државата да војува. Доколку знаеме дека НАТО е поврзан во рамките на способностите за водење на вооружена борба а во рамките на војувањето и во однос на способностите на земјите членки за градење на цивилно-воени капацитети и меѓусебно поврзување, тогаш несомнено е дека одбраната како втора компонента во Одбранбениот Концепт на НАТО ќе остане присутна.
Дилемата е дали делот од одбраната ќе биде насочен исклучиво кон проценка на капацитетите за водење на вооружена борба што подразбира вооружување, опрема, способност за огнена моќ, обученост на персоналот и соодветна доктрина на водење на вооружената борба на декларираните но и сите други единици или одбраната ќе се однесува на изградба на широк спектар на капацитети кои учествуваат во одбраната, вклучително и цивилната одбрана. Како што засега стојат работите може да очекуваме САД да бараат пред се способности и капацитети на вооружените сили на земјите членки. Тука е важно да напоменеме дека тоа би била одлична можност за бизнис во војната индустрија и производството на вооружување и борбена опрема и техника, како и муниција и техничко одржување на подолг период. Токму овој аспект не насочува кон потребата од градењето на капацитети за воената индустрија, производството на муниција и одржување на борбените и неборбените воени средства, како и средствата за лична и колективна заштита и секако капацитетите за медицинска заштита на вооружените сили, но уште повеќе на населението. Тоа е и дел од отпорноста и способноста за одбрана.
Несомнено дека ќе стане збор и за политичките прашања и дефинирањето на непријателите на НАТО и нивното влијание врз НАТО а посебно врз поедини земји кои се изразено ранливи и подложни на непријателски влијанија. Ова дефинирање ќе предизвика посебно внимание бидејќи за очекување е да се отворат и дискусии во однос на меѓусојузничките односи, на прво место САД со европските сојузници, а потоа и помеѓу другите сојузници, што секако нема да го заобиколи ниту Јужното крило на НАТО.
Како што може да се очекува, за Македонија и нејзиниот придонес во НАТО, било во однос на реализацијата на Одбранбениот Концепт на НАТО, било во однос на поедини сегменти во градењето на отпорноста и достигнувањата на капацитетите на одбраната вклучително на способноста за водење на вооружена борба, или можеби некаков придонес кон доктринарни промени врз основ на искуствата од војната во Украина и во Иран или во однос на меѓу сојузничките односи, ќе се постават многу прашања на кои тешко дека нашата делегација ќе може да даде добар одговор. Всушност може да очекуваме критика на затворените седници на Самитот, а потоа да слушаме изјави за домашната јавноста како сме доверлив и кредибилен партнер во НАТО. Веќе видено.
Но, да видиме ние како стоиме во реалноста со одбраната, но и со отпорноста чија изградба е основа на креирањето на одбранбените политики и главна обврска на Министерството за одбрана, додека министерот Мисајловски се шета од саем на саем за да се слика за на ФБ.
Прашањето за цивилната одбрана преточена во ЦУК и ДЗС или делот од отпорноста на населението во рамките на негова заштита и спасување е болка неопеана. И две години по робусните најави на Мицкоски и ставањето на Димовски за одговорен лик (кој ништо не знае) за реформи на ДЗС и ЦУК и поставувањето за директор на ДЗС на Стојанче (кој исто така врска со живот нема, доколку се изземат „бизнис“ размислувањата) и непознатиот лик кој е на чело на ЦУК, нема никакви реформи на повидок. Сѐ е исто, купи ден-продај, продавај магла на народот и моли го Бога да нема пожари на лето или некоја катастрофа од поголеми размери која нема да може да се сокрие. Оние малите може да се сокријат, барем се уште. Никој нема претстава со колкави капацитети за засолнување на населението располагаме, никој не си ги знае своите обврски во одбраната на татковината, каде треба да оди, што треба да работи на работното место или дома, дали постојат резервни единици за заштита и спасување, работни единици, како се мобилизираат, како и по кој план се употребуваат. Не пак да имаме реализирано некоја вежба за таквите единици, а вежба за населението – тоа е мисловна именка која министерот Димовски со се директорите не можат ни да го замислат а не пак организираат. Па така во однос на цивилната одбрана и отпорноста на населението во случај на воени дејствија со вооружена сила и разурнување не станува збор, едноставно Господ да не чува и НАТО, во една таква ситуација би настанал таков хаос кој не може ни да се опише.
Отпорност на населението од влијанија, дезинформации и хибридни закани од непријателски држави! За каква отпорност и нејзино градење зборуваме кога потпретседателот на владата Стоиљковиќ заедно со советничката на Мицкоски за образование Грчева се натопориле кај Зиков (руски амбасадор во Македонија – без униформа – привремено) на прослава на денот на Русија. На онаа Русија која урива културно-историски и духовни споменици во Кијив како што е Киево-Печерската лавра. Ме интересира во овој контекст, дали Архиепископот Стефан и Митрополитот Јосиф му врачија протест на Зиков од страна на МПЦ-ОА за овој варварски чин на Русија – веројатно, можеби… Патем, руската пропаганда се обиде за тоа да ги обвини САД и нивните „неисправни“ ракети Патриот кои самите паѓаат и тоа токму врз Киево-Печерската лавра. Некои „наши“ рашисти се обидоа да ни објаснат дека Украинците сами си дејствувале по Лаврата. Има разни болести, посебно кај, но изворот е исти – руско влијание во Македонија и тоа токму во владата на Мицкоски. А Мицкоски е нем, уста на отвора за ова прашање.
Ете така, нашата национална отпорност е полна со рашисти кои ја сакаат „братска“ Русија и ги мразат Украинците, бидејќи Москва и Белград им зборуваат а тие повторуваат за ЕУ и НАТО фашисти и нацистички Киев, а нашата влада, како влада на земја членка на НАТО го испраќа во пријателска посета својот потпретседател на прослава на денот на Русија. Токму ова е прашање за одговор за пред НАТО, односно дали Македонија се однесува доверливо во однос на НАТО. Односно како ја гради отпорноста кон руското влијание во рамките на НАТО.
Во исто време додека кон Русија се шири сесловенско братство и љубов иако пред очи ни горат цркви и манастири, се шири омраза кон Бугарија и се предизвикуваат дипломатски инциденти со терористички акти на палење на дипломатски возила. Секако Мицкоски формално го осуди настанот, но имам едно директно прашање:
„Мицкоски, вреди ли твојата лицемерна осуда кога со години наназад ти ја подгреваше атмосферата за конфликтност со Бугарија и со тоа ги наведуваш луѓето на такво непријателско поведение, откако претходно ти со твојот говор и однесување како и толерирање на такви појави на омраза на медиуми, јасно придонесе кон зголемување на тензиите?“
Тоа што е уште поинтересно, Мицкоски продолжува со овој наратив и јасно и гласно ги повтори овие ставови и од Струмица. Нема да ме изненади уште некој инцидент со Бугарија сторен од страна на загрижен патриот кој ќе биде прогласен за нетокму, додека во меѓувреме ќе се пласираат теории на заговор дека тоа Бугарија самата инсценирала палење на автомобилите на сопствената амбасада. Доколку не верувате, погледнете на Канал 5 и на Алфа. Но секако дека сето ова нема да помине не забележано од нашите партнери во НАТО. Тоа што го прави Мицкоски, во науката се нарекува создавање конфликтен потенцијал, по што следува тригер кој ќе ја откочи спиралата на насилство. Дали е возможно сега во Бугарија да се најде некоја таква иста будала како оваа нашата (уште и про-путинистичка) која ќе изврши напад врз нашата амбасада или можеби врз македонски граѓани во Бугарија? Секако дека е за очекување судејќи според двостраните будалаштини на некакви си ликови на ФБ. И ете ја реализирана целта на Москва и Белград за меѓу сојузнички конфликт во Јужното крило на НАТО. Мислам дека во рамки на политичко-безбедносниот дел на Самитот во Анкара, несомнено ќе бидеме прашани за оваа и вакво поведение во меѓу сојузничките односи, односно за намерното создавање недоверба.
Во овој контекст е и прашањето на доверба кон македонските институции во рамките на НАТО и споделувањето на доверливи информации кога токму потпретседателот на владата на Мицкоски, познат љубител на Путин се појавува на прослава на денот на Русија. Во меѓувреме целосно е сопрена помошта на Украина и тоа факт кој не може да го покријат сликите на Мисајловски во Брисел во групата поддржувачи на Украина. Секако Мицкоски за ова нема збор да прозбори, туку јавниот политички наратив ќе го гради врз конфликтност со Бугарија и веќе директна анти-НАТО и анти-ЕУ реторика. И толку од доверливоста и кредибилноста, згора на се што само овие неколку прашања ќе отворат и дополнителни прашања кон Македонија а кои ќе произлезат од односот на нашето Министерство за одбрана кон претставниците на нашите сојузници во Македонија.
Вложувањата во одбраната не се исклучиво вложувања во набавка на борбени средства, туку се однесуваат и на развој на воената индустрија и повторно воено-техничко поврзување и соработка со партнерите од НАТО. Ние како Македонија сме надвор од сите под сојузи на НАТО. Се однесуваме аутистично до степен што немаме никаква воено-индустриска или воено-техничка соработка со нашите партнери. За оваа состојба одговорноста е врз министерот за одбрана, бидејќи тој е одговорен за креирање на одбранбените политики кои опфаќаат и развој на воено-индустриските комплекси, како и развој на воено-технолошките достигнувања или барем поврзувања со другите земји членки на НАТО. Покрај тоа што државата воопшто не вложува во воено-индустриски развој на Македонија и соработка во рамките на НАТО, уште и тоа малку воена индустрија што имаме не го поддржува и не влегува во заеднички вложувања, туку и им ја отежнува работата и тоа само и исклучиво заради остварување на лукративни интереси. Парите, оние буџетските, тендерските очигледно се послатки од се и по љубени дури и од татковината во која се колнат и идентитетот кој го бранат. Така, Македонија нема државен воено-индустриски комплекс во било која гранка на воената индустрија дури ниту за задоволување на сопствените потреби на основно ниво, а не пак со нешто да учествуваме во капацитетите на НАТО. Не зедовме учество ниту во рамките на европското НАТО и финансирањето со 80 милијарди за развој на воената индустрија. Не ни конкуриравме да добие дел од парите за развој на воено-индустрискиот комплекс. Очигледно воено-техничкиот развој не е дел од одбранбените политики на Мисајловки и владата на Мицкоски.
Нашата „одбранбена политика“ е насочена исклучиво кон купување на воена опрема и борбена и неборбена техника, до степен што не се води сметка ниту за техничкото одржување барем до среден ремонт на купената опрема и техника. И тоа се прави намерно, бидејќи за одржување на средствата ќе биде неопходно да се ангажираат фирми преку тендери, а тука се и провизиите. Сѐ е смислено, а за тоа како на тоа гледаат нашите партнери во НАТО, министерот за одбрана и владата не се многу загрижени. Никако да им текне дека НАТО сојузниците, особено оние европските, сакаат да сметаат на Македонија и како на логистичка база. База која покрај техничко-технолошка поддршка и складирање и брз транспорт на логистика бара од нас покрај изградба на коридорите и вложувања во здравствената заштита и медицинската поддршка во рамките на НАТО. Ова е одлична можност за промена на доктрината на македонската контрибуција во НАТО и користење на коридорите.
Сепак, за сето ова како креирање на одбранбена политика нашето Министерство за Одбрана нема чувство, и секако интерес. Интересот е едноставен – приземен. Нема креирање одбранбени политики, постои само купување на вооружување и борбена и неборбена опрема и техника или нивна донација. Зошто да се заморуваме со усвојување и разработка на нови доктрини и современо водење на вооружена борба а воопшто и да размислуваме за современо војување.
Кај нас се размислува како да се учествува во трговија со оружје и да преку „непостоечки“ фирми со двајца вработени поддржани од Србија се овозможи транспорт на оружје за трети земји. Потоа откако ќе реагираат други надворешни политички фактори како во случајот со транспортот на двете батерии ПВО систем КУБ од Словачка за Уганда преку Романија и секако Македонија (под прикритие како старо железо купено 42.000 евра а продадено 11 милиони евра) мудро ќе си молчиме. За транспорт на вооружување, муниција и воена опрема низ Македонија потребно е да се издадат дозволи од четири министерства (вклучително и министерството за одбрана) и две владини агенции. Тоа што остатокот од опремата ќе биде замрзнат во Словачка поради кривична истрага е заслуга на Словачката опозиција. Ние да не се чудиме што токму пред обелоденување на овој скандал Мисајловски беше на саем во Братислава и случајно на средба со словачкиот министер за одбрана. Токмуј тој министер кој е обвинет за овој скандал. Доколку и ова биде прашање на Самитот наменето за нас и нашето замешателство да не се чудиме.
Сѐ поубаво од поубаво може да очекуваме на Самитот во Анкара. А какви одговори ќе дадеме – се знае, за дома фалби а таму глумење будали за потсмев.
Патем, стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, а посебно гаранцијата за шесте милијарди не е тема околу која се занимава Обединетото Кралство. Тие ни оставија нам да видат колку сме способни да подготвиме квалитетни и издржани проекти без провизии и истите да ни ги евалуираат пред да ни дадат гаранции. Секако и да ја проценат нашата посветеност кон градење на нашите капацитети во рамките на НАТО каде што сме сојузници, кога веќе не им се придруживме во Коалицијата на волните и Вестминстерската иницијатива. Затоа Тимчо ќе дава изјави од пред хотелот каде што е сместен за наши пари а е еден од најскапите хотели во Лондон – изјави наменети за домашна пропаганда. Во меѓувреме неговиот заменик Димитров ќе ни објаснува како Бугарија води хибридна војна против Македонија. Да сигурно води, но во однос на когнитивните способности на нашите политиканти и по принципот на хибридните објаснувања на Стојанче втемелени на plug in моделот. Е затоа на Самитот во Анкара ќе добиеме многу суштински прашања. Прашања поврзани со стабилноста на државата, отпорноста кон малигни влијанија од трети држави, не поврзувањето со нашите сојузници и создавањето на конфликти. Прашања на кој нема да имаме добар одговор пред партнерите од НАТО, особено пред европските партнери. За сликичките на ФБ и фалбите за домашната јавност и неупатените нема потреба да се зборува.
И за крај, министре Мисајловски, не им верувај на полтроните кои на јавна сцена ти се упикуваат пласирајќи ти дезинформации кои може да ти наштетат доколку ги прифатиш како точни, но уште повеќе ќе наштетат на министерството, на Армијата и на државата. Патем, токму една реченица за тие дезинформации и заблуди во кои те внесуваат. Воената академија не е директно потчинета на Министерот за Одбрана, туку е самостојна високообразовна институција формирана од државен орган – Собрание на Република Македонија и тоа јасно е определено со Законот за Воена академија во член 1. Воената академија како посебен правен субјект е запишана во Централниот регистар и со неа не раководи Министерот за Одбрана, ниту лице назначено од него за да му е директно потчинета, туку Декан избран од наставно-научниот совет на Академијата. Воената академија работи соодветно на закон за високо образование и законот за научно-истражувачка дејност согласно одредбите од член 5 од законот за Воена академија. Односите со министерот за одбрана и министерот за образование како и нивните обврски се недвосмислено регулирани со закон, а не со слободно толкување.
Оттука, во иднина внимавај како и на кој начин ти се потпикуваат за да ти се додворат. Најмногу размислувај за резултатот од тоа потпикување. Верувам дека ти е убаво кога те креваат в небо и ти доделуваат власти кои по закон ги немаш, но верувај, многу лесно и брзо ќе те треснат од земја. Ова чисто да не ти е криво и да не кажеш дека не си знаел и не си предупреден, како и за се што низ колумни и на разни други начини си бил предупреден, а токму од „експертите“ по додворување си бил дезавуиран и за што ќе треба да понесеш лична одговорност. Дури и обидите за мешање во надлежности на Воената академија со политичка мотивација за против законито инсталирање или „дисциплинирање“ на наставно-научен кадар нема да завршат без последици. А во член 38 од законот за Воената академија јасно се вели дека за законито работење на Воената академија (покрај Деканот) одговорни се и министерот за одбрана и министерот за образование, секој во својот делокруг.
Засега почни да ги подготвуваш добрите одговори кои ќе треба да ги дадеш на Самитот на НАТО и да видиме како ќе си поминете во Анкара. Без разлика дали, во колкав обем, и колку брзо прашањата ќе допрат до македонската јавност, вие во меѓувреме ќе се обидете да ги избегнете како тема пред домашната експертска и општествено-политичка јавност но нема да можете да ги сокриете.
Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје | Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА
Во ера на дезинформации, националистички популизам и авторитаризам, неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот
Дајте го својот придонес СЕГА













