Две новинарки од полскиот ТВ канал Белсат, денеска беа осудени на две години затвор од страна на белорускиот Суд, откако тие беа уапсени од властите за преносот во живо од протестот против Александар Лукашенко. Дарија Чулцова (23) и Кациарина Андрејева (27) во ноември беа уапсени од станот каде што го снимаа протестот поради смртта на демонстрант кој бил убиен неколку дена претходно.
Меѓународните организации за човекови права го осудија апсењето на новинарите. Двете новинарки се изјаснија за невини откако беа обвинети за организирање демонстрации. Како материјален доказ, Обвинителството презентираше видео камера, микрофон, мобилни телефони, осветлување и прес-јакни. Новинарките се појавија во судница во кафез на сослушувањето на 18 февруари, со рака давајќи знак „V“ (Виктори – Победа).
По спорните избори во август 2020, повеќе од 33.000 лица беа приведени во насилна акција против демонстрантите, кои протестираа против владеењето на Лукашенко, кој е на таа позиција од 1994 година.