„Целосната ангажираност и опсежност во потражните дејствија на МВР и другите институции и преземање на низа активности даде резултати. Денеска истакнав дека Мијалков е во земјава и дека очекувам успех за неколку часови“, изјави за МИА министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по појавувањето на Сашо Мијалков пред Јавното обвинителство за гонење организиран криминал.
Спасовски, претходно денеска на прес-конференција, изјави дека според сите досегашни проценки и анализи екс директорот на УБК, Сашо Мијалков се уште е во државата.
„Според сите наши анализи и проценки сметаме дека сеуште е во државата и дека не ја напуштил Република Северна Македонија. Дејствијата за потрага се во тек. Ако ние знаеме каде е Мијалков, веројатно ќе беше во притвор во истиот момент, меѓутоа сите анализи и проценки кои ги правиме врз основа на потражните дејствија и информациите кои ги добиваме, наша увереност е дека е во државата“, изјави Спасовски.