Република Северна Македонија има силна поддршка од Италија во борбата за заштита на човековите права, антидискриминацијата и заштита од насилство, рече денеска амбасадорот Андреа Силвестри на средбата со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Силвестри ги поздрави законските решенија кои Министерството за труд и социјална политика ги донесе изминатиов период, а се однесуваат на заштита на човековите права, антидискриминацијата, заштитата на жените од насилство и семејното насилство, нагласувајќи дека се многу значајни за граѓаните на државата.
Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, на средбата Шахпаска ги истакна блиската соработка со Република Италија, пријателските односи помеѓу двете земји и поддршката за нашиот евро интегративен пат. Се осврна и на соочувањето со предизвиците кои ги донесе пандемијата, како и на политиките и мерките што ги донесе Владата со цел полесно премостување на кризниот период, преку помош и поддршка на компаниите, стопанството и граѓаните.
Според Шахпаска, Министерството донесе ефективни мерки за помош на ранливите категории граѓани.
-Законот за заштита и спречување од дискриминација што беше донесен уште првиот месец од мандатот на оваа Влада има големо значење во смисла на заштита и спречување од секаков вид на дискриминација, пол, расна и етничка припадност или убедување. Прв пат како дискриминаторски основи ги вклучивме и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како дел од основните човекови права и слободи. Особено значајна е и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која претставува професионално и независно тело, избрана на транспарентен начин, истакна Шахпаска.
На средбата се разговараше и за Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, решение кое е пример за демократија и за кое гласаа и опозицијата и власта заедно. Законско решение на чија имплементација се работи во моментов.
Соговорниците разговараа и за Законот за работни односи, промените кои треба да се направат согласно новите потреби кои ги налага современото општество и унапредување на работничките права.
Двете страни изразија уверување за продлабочување на соработката во областа на надлежностите на Министерството за труд и социјална политика.