Жителите на Ново Маало од овој викенд започнаа со собирање на потписи за петиција со која ќе бараат од Општина Центар и Владата да постапат согласно законите и да овозможат изградба на комплексот кој е предвиден да се гради на паркингот на Холидеј Ин.
„Со овој допис сакаме да ве известиме дека ние, жителите од Ново Маало, од викендов масовно собиравме потписи за петиција со која бараме Општина Центар и Владата да постапат согласно законите и да овозможат изградба на комплексот кој е предвиден да се гради на паркингот на Холидеј Ин. За само еден ден успеавме да собереме 250 потписи од сопственици на имот и со оваа петиција, даваме целосна поддршка на инвеститорот, а преку истата, и најостро ги осудуваме најавите и барањата на поединци, организации и институции за стопирање на проектот.“, се вели во дописот од група граѓани жителите на Ново Маало.
Тие реагираат и како што велат, се крајно револтирани од предлозите за суспензија на планот и притисокот за ова кој го прават луѓе кои живеат во удобни домови, наспроти жителите на Ново Маало кои со децении живеат во услови кои ни одблиску не наликуваат на хумано домување.
„Доколку дојде до таква постапка, подготвени сме да излеземе на протест, да ја блокираме работата на Општина Центар, секако на цивилизиран начин, како и да поднесеме тужба до надлежните органи за претрпена штета од 1930 до 2021 година, но и до Стразбур.
Воедно сакаме да ги известиме и останатите сопственици на имот кои не дошле до информација за петицијата, а сакаат да се потпишат на истата, да се обратат на меил адресата [email protected] за да го изразат својот интерес.“, се наведува во дописот од група граѓани, жители на Ново Маало.
Ј. Ѓ.