Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска до Собранието на РСМ го достави предлогот за покренување на иницијатива за распишување на референдум, со цел граѓаните да се изјаснат околу нацрт-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали. Покрај тоа што се залагаат за стопирање на дигитализацијата во образованието, бараат и да се сопре воведувањето на сеопфатно сексуално образование.
Во насока на организирање на референдум, од иницијативата информираа дека досега собрале околу 600 потписи во Скопје. Тие очекуваат во рок од три дена да добијат одговор по поднесувањето на предлогот за референдум, а во спротивно ќе сметаат дека предлогот е уреден и ќе пристапат кон собирање на 10.000 потписи за поддршка на иницијативата за распишување референдум.
Од иницијативата денеска побараа средба со премиерот Зоран Заев, откако им пропаднаа досегашните обиди да ја убедат министерката за образование и наука Мила Царовска да го повлече законот за учебници.
По одржаните протести на Иницијативата во саботата, одговорот на МОН беше дека е апсурдно е да се протестира против дигитализација во образованието и дека Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества.