ЦИВИЛ одржа јавен настан на тема „Мултикултурализам и европски вредности во медиумите“, на кој учествуваа Елида Зулбеари, уредничка на Порталб, Ана Цветковска, уредник од МИА и Фиљана Кока, заменик претседател на ЗНМ и новинарка во МРТ.
Панелот е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година.
„Нашите медиуми во најголем број се моноетнички и многу малку се известува за другите етнички заедници, освен ако има некои трагедии, посериозни инциденти или евентуално за верски празници и толку, како да се некој етнитет како да живеат во некоја друга планета, а не како луѓе кои живееме заедно и ги користиме истите услуги, го дишиме истиот воздух итн. Системот така е граден, две-три етнички заедници не се мешаат многу и немаат знаење едни за други, а стереотипите кои се појавуваат потоа се шират на социјалните мрежи и тоа само го потврдуваат. Тие новинари кои доаѓаат од таа средина, ќе работат во тој медиум кој е моноетнички, ќе продолжат да го потврдуваат тоа во кое веруваат. Нема толеранција и нема разбирање поради фактот дека не го знаат јазикот/религијата и не знаат едни за други“, вели Елида Зулбеари, уредничката на Порталб, на панелот на ЦИВИЛ: „Мултикултурализам и европски вредности во медиумите“.
Имаме проблем што нема превод на јазикот на другите заедници, но има превод на англиски јазик. Не дека ги мразат или имаат против, но воопшто не го ни размислуваат тоа. Ова е еден лош пример кој можам да го посочам. Ова непознавање и игнорирање доведува да имаме само еднострани вести или вести кои не се опширни и немаат интерес за сите. Јавниот интерес е јавен бидејќи живееме во мултиетничка држава. Мора да има постојано вести и информации за да ја информираат и другата заедница дека се соочуваме со истите проблеми. И од овој свет и од другиот има и криминалци и добри луѓе. Кога го креиравме Порталб ние направивме мост меѓу двете најголеми заедници во Македонија. За да можеме да го преведеме и кажеме тоа што се случува во македонската јавност, турската, албанската, сите заедници. На пример, ако во општина Струга има проблем, мора да се рапортира на сите јазици за сите да можат да бидат информирани, а проблемот да не се игнорира од некого. Преку тој пристап сите се чувствуваат како дел од неправда, правда или дел од тој систем. Појавата на онлајн медиумите само го потенцираше тој јаз.
Европските вредности не се само на Европа, туку тие мора да бидат и наши вредности. Ние како медиуми мора да бидеме професионални и да известуваме непристрасно. Новинарите треба да прават теми кои ќе го промовираат мултикултурализмот, а не да служат како мегафони на политичките партии. Вистински новинари се тие кои го почитуваат кодексот, а има доста „новинари“ кои вршат некоја агенда и само прават врева. Новинарот е гласот на немоќните“, истакна Зулбеари.
Со кои предизвици се соочуваат медиумите? Која е улогата на медиумите за промовирање на европските вредности и мултикултурализмот во нашата држава?, го започна своето обраќање Фиљана Кока, новинар во МТВ 1 и заменик претседател на ЗНМ на панел дискусијата на ЦИВИЛ: „Мултикултурализам и европски вредности во медиумите“.
Ќе ми дозволите воведно да почнам со еден цитат од ценетиот филозоф Мухиќ дека „улогата на културните разлики е од витално значење за процесот на општествената интеграција, од чие успешно спроведување, пак, зависи стабилноста, па дури и опстанокот на една држава. Во зависност од начинот на кој ќе бидат артикулирани и третирани од страна на државата, културните разлики можат да станат фактор на интеграција, или пак, да прераснат во фактор на дезинтеграција.“ во оваа смисла медиумите вклучително новата информатичко и комуникациска технологија овозможуваат брзо и едноставно поврзување на луѓето. А тоа несомнено води кон тоа медиумите да играат мошне значајна улога во интеркултурниот дијалог на сите полиња во секое општество, без разлика дали се работи за милтикултурно, бикултурно или национално. И тие треба да ги користат расположливите електронските ресурси за унапредување на дијалогот помеѓу различните култури во мултикултурното општество. Но дали е така кај нас?
За да дојдам до суштината сакам да презентирам неколку примери низ кои би виделе дали и колку во медиумите бил застапен говорот на омраза како број еден ,според мене, ризик фактор за мултикултурализмот во земјава. Освен во членовите 10 и 11 од кодексот на новинарите, одговорноста на медиумите е јасно дефинирана и во неколку препораки како што е препораката р-97/21 на комитетот на министри. Пред да прејдам на конкретни примери за предизвиците со кои се соочуваат медиумите ќе се навратам на податокот за бројот на преставки за кои СЕММ оценил дека бил прекршен кодексот на новинарите по основ на говор на омраза. А зошто говорот на омраза ќе пообјаснам подолу.. Податокот говори дека минатата година , 2020 та има 6 одлуки во кои е детектирано говор на омраза, односно прекршување на член 10 од кодексот на новинарите. А годинава, пак, до сега има 1 одлука каде што е детектирано говор на омраза. Тоа квантитативно можеби и не е некој показател но содржински заради говорот на омраза е особено битно. На пример претставката која се однесува на интернет – порталот „екран.мк“ со текстот насловен „(видео) кого испраќаме на песна на евровизија: Македонец или Бугарин? Васил Гарванлиева јавно призна дека има и бугарски пасош!“
Пример број два да речеме: комисијата нашла дека во текстот на интернет порталот „off.net.mk“, објавен на 24 декември 2019 е прекршен членот 10 од кодексот на новинарите, чија отстапка, особено е нагласена во следните реченици од текстот:
„Кале , Mht, а сега и најново видео од центарот на Скопје на кое се тепаат млади луѓе за кои се претпоставува дека напаѓачите се дел од навивачката група шверцери“.
„Kомити направија компилација со која сакаат да укажат дека нивните ривали никогаш не одговараат“.
„низата на инциденти ги ставија на филмско платно како асоцијација на дивеењето на шверцери во театарот mht, а потсетија и на случувањата на кале каде камерите жив го фатија заменик министерот за внатрешни како ослободува навивачи на Слога, меѓу кои и Артан груби“.
Ова се само неколку од многуте објавени текстови во кои наместо во служба на етничката разноликост, националниот диверзитет, од новинарското перо токму тој се атакува. За жал се помалку се , би рекла недостигаат, дури се ретки сториите, прилозите, анализите или какви и да се новинарски жанрови кои обработуваат теми за мултикултурализмот. Напротив сеуште се присутни текстови кои придонесуваат за се поголема раздвоеност и се вистински ризик за соживотот и мултикултурализмот во земјата. Да тргнам од јавниот сервис каде работам од 1989 година.
Во јавниот сервис постојат редакции на јазиците на заедниците , освен на албанската, турската , српска, ромска, бошњачка и влашка. Ако проследите настан кој е покриен од сите заедници а се работи за инволвираност на припадници на различни заедниците често ќе се забележи дека секој го покрива настанот од аспект на интерес на заедницата на која и припаѓа заобиколувајќи ги основните стандарди и норми на професијата кои пред се произлегуваат од кодексот на новинарите. И тоа е најчесто кога се работи за меѓуетнички инциденти. Тоа не е толку можеби еклатантно во јавниот сервис како што е очигледно во медиумите, националните ТВ, на пример, Сител, канал 5 наспроти Алсат, Шења итн. Уште позагрижувачко е што тоа се прави суптилно, на некој начин филувано да речам, еве на пример за протестите за случајот монструм, за убиството на Саздо , за убиството на малиот Алмир од Куманово, итн. Ајде овој последниот да го анализираме. Во медиумите на албански јазик се пишуваше дека возачот го убил Алмир, односно го прегазил со умисла, одејќи директно со возилото на него и неговата мајка , што можеше да се види од видеото, од друга страна медиумите кои информираат на македонски јазик се држеа до подоцна изменетото обвинение дека возачот на возилото кој претходно имал расправија со таткото на Алмир го прегазил момчето бегајќи од нападите на неговиот татко и роднините. Итн…
Сметам дека оваа тема треба постојано да се актуелизира меѓу новинарите, преку обуки, преку заеднички работилници, и други форми и формати, бидејќи ваквата поделеност трае уште од осамостојувањето па до ден денешен. Тоа е постојан предизвик за професијата, тоа е постојана рак рана на целокупното општество и за жал се провлекува низ сите овие 30 години добивајќи различни форми. Наспроти, континуираноста главно на биполарноста, пред се некогаш со поголем интензитет некогаш незначително, промовирањето на мултикултурализмот се одвива во дисконтинуитет низ различни обиди, од, на пример едно “наше маало“ , редакција за мултикултурализам во јавниот сервис која постоеше околу две години, како посебна редакција, до денешни обиди за електронски медиуми со серијали или прилози , за жал, од време на време, за оваа заедничка тема. Да, има обиди преку панели како овој ,дебати а не знам меѓу верски и меѓуетнички дијалог итн, но проблем е што нема ,според мене конзистентност на определена форма, дали тоа ќе биде некоја редакција или цел медиум може да се дискутира, но битно е да ја има.
Од еден друг аспект, ако согледуваме по етничкиот состав медиумите како да ги пресликуваат по својот состав политичките партии па се строго поделени со кадар од иста етничка припадност, со мали исклучоци на јавниот сервис, Алсат –м итн. Факт е дека може на прсти да се избројат оние кои работат во медиум на јазикот на една етничка заедница, а и припаѓаат на друга. Јас лично во МТВ 1, меѓу првите ако не и прв новинар кој работи во редакција на јазикот на друга етничка заедница, Сунаи , Насер во вест претходно во Макфакс, чинам, многу одамна Мухамед Зеќири во Канал 5, неколкумина во А1 но за кратко, обратно колеги во Алсат м од македонска националност итн. Значи и доколку е случајот таков од свое искуство да говорам, тешко е на моменти можеби се доаѓа во искушение но новинарот , секогаш треба да се води само и само од кодексот, професионалните стандарди и етичките норми и да се издигне над себе си и својата припадност, тогаш се негово , останува зад јавниот интерес и јавното добро во чија служба треба да е поради својата огромна општествена одговорност. Е сега некој ќе рече кој е јавниот интерес за една или друга етничка заедница, но доколку се следи кодексот- членовите 10 во кој стои:
10 .новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…). И членот 11 кој вели:
11.новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија
Доколку исклучиво професионално се покриваат настаните, или истражувачките стории откриваат криминални дејствија за било кого криминалот не познава нација нели.. Тогаш јавниот интерес , борбата против него, е повеќе од јасен за било која од заедниците.. Главно во оваа сфера медиумите се сеуште поделени на кампуси според етничката припадност, а со тоа на друга култура, ова не треба да значи дека треба да го намалува просторот за промоција и оживотворување на мултикултурализмот туку напротив да креира поинаков приод за ваква промоција…но дали е така?
Што се однесува до промоцијата на европските вредности, јас ќе го фрагментирам приодот, во смисла европски вредности од професијата кон јавноста и европските вредности во-за професијата. Првиот, аспектот од професијата кон вредностите тука сме поединствени , нема ТВ, радио, портал, весник нема медиум во кој не се промовираат евроинтеграциите, владеење на правото, слободата на изразување итн. Екологијата- особено загадувањето и правата на ЛГБТ заедницата теми кои до вчера беа табу се повеќе се отвораат и секако најчести се вестите за евроинтегративните процеси на пример и тоа високо во првите минути на информативните едиции. Макар што има мали исклучоци, би рекла незначителни кои од одредени центри оркестрирано навиваат за тоа дека не мора да сме дел од ЕУ. За вториот, аспектот на европските вредности во корист на новинарската професија до некаде е солидно воведувањето, примената на новите технологии, особено смарт телефони, он лајн извештаи, камери и друга опрема која го подобрува новинарскиот производот, еве да ги земеме пример видео снимките од настаните кога од галеријата на собранието беа исфрлени новинарите, или на 27 април , иако можеби во судска постапка не може да се користат сепак тоа за органите на прогонот е доволно за постоење индиции да се покрене обвинение и да се бара одговорност итн.
Но некако како да тапкаме во место или многу малку одиме напред во однос на европските стандарди за новинарската професија како што се новинарските плати, условите за работа, правата од работни односи , социјалната сигурност и безбедноста итн. Ако од ова се одземат јавниот сервис и МИА во речиси сите други медиуми не се докрај решени овие суштински прашања кои во европската унија се уредени по далеку повисоки стандарди каде не смее да се помисли како на пример за пријавување новинари на пола работно време, не исплаќање на празнични дневници, спречување користење одмори според ЗРО и други непочитувања на правата од работни односи и професионално итн.. . И овде пред да заокружам иако темата е богата и неисцрпна ..сакам само да нафрлам поента две, дека
Во современите мултикултурни општества слободата на изразување во определени ситуации може да биде и злоупотребена, а тоа се случува кога истата преминува во појава која е целосна спротивност од неа, односно кога слободата на изразување лесно преминува во говор на омраза. Што, пак, подразбира изразување на омраза спрема некоја определена група од поинаква расна, етничка, религиска или друга припадност. Здружението на новинарите на Македонија досега има одржано повеќе состаноци со сите надлежни институции, вклучувајќи ги тука: основното јавно обвинителство, министерството за внатрешни работи, како и со претставници на судовите на р. Македонија со цел да започне да се казнува говорот на омраза во медиумите. Исто така, знм има доставено писмени барања до ОЈО за да започне процедура за кривично гонење за јавно искажан говор на омраза, меѓутоа до сега резултатот е за последните 1о години од 26 судови во земјава се изречени само 5 пресуди за јавно искажан говор на омраза, за жал пренесуван од медиумите во јавноста при што медиумите индиректно учествувале. И ова не е сеуште кривично дело, а од друга страна е погубно што институциите не го препознаваат говорот на омраза.
Земајќи во предвид дека во република Македонија, ЗНМ има документирано повеќе експлицитни пораки на говор на омраза искажани во телевизиски емисии, како и на социјалните мрежи, може да се заклучи дека институциите во земјата едноставно одбиваат да постапуваат за прекршување на овие два члена од кривичниот законик. И ова не враќа на почетокот дека единствениот патоказ во креирање на мултикултурализмот за еден медиум, за новинарите, генерално е почитување и само почитување на професионалните стандарди етичките норми- односно кодексот.
Сега генерално ќе кажам, ги промовираме сите европски вредности, меѓутоа ги промовираме декларативно. Европските вредности подразбираат мултикултурализам и негово почитување во реалноста и во секојдневниот живот. Сведоци сме дека, особено на социјалните медиуми, има чести случаи на говор на омраза кој не го поттикнуваат и унапредуваат мултикултурализмот, туку напротив го потхрануваат. Ние како медиумска информативна агенција национална, верувам тука на иста линија сме со МТВ, би требало и со останатите медиуми, значи сме на некој начин сме браникот кој што треба да спречи понатамошна бура во развивање на тие напади кои што поттикнуваат говор на омраза по различни основи и причини, истакна Ана Цветковска уредничка во МИА на панелот на ЦИВИЛ „Мултикултурализам и европски вредности во медиумите“.
-Сосема кратко, бидејќи имам серија текстови, кои се радувам што се извонредно читани, и се разбира, паралелно нападнати од трол фабриките на ултра десничарите. Основно непознавање е кога ќе кажете „не мораме да одиме во Европа“, во Европска унија.
Прво и основно, никој не не тера да одиме во Европска унија, туку ние молиме да влеземе во ЕУ, а оној што не е задоволен со состојбите во својата земја, кога ќе ја премине границата на својата земја, не гледа кон исток, туку гледа точно кон Европска унија, секако и други земји, но земјите на ЕУ се првите на адреса, таму кај што тропнува, и оној што се наоѓа во тие тајфи. Што исто така е многу сериозно, кога ќе кажете европски вредности, веднаш се мисли на нешто што е поврзано со Европска унија. Се извинувам, ама европските вредности се однесуваат на европските вредности. На вредности кои се произлезени, родени, елаборирани, размислувани, контемплирани, применети, или нападнати, во континентот Европа, исто како што можете да кажете цивилизациски вредности. И во голем дел тие ќе се поклопат. Или ќе кажете- зелени вредности. Кога ќе кажете зелени вредности, дали мислите само на екологија, или мислите само на еден одреден дел од планетата, или на целата планета…
Тоа е исто така и за европските вредности. Вие можете да негувате европски цивилизациски и зелени вредности, без оглед на тоа дали сте членка на Европска Унија, или на некоја друга асоцијација. Мора да се каже веднаш многу гласно дека луѓето мора да почнат да разбираат што подразбира самиот збор „вредности“. Затоа што и нацистите имаат свои вредности, кои се спротивни на европските.
На прашањето од модераторот колку тие европски вредности се застапени во медиумите, Дерала посочи дека тие се многу застапени.
-Апсолутно многу, и тоа не само во оние уредништва каде тоа е основна стратегија на концепт на градење на медиумската продукција, туку во огромен број медиуми може да се препознае латентна националистичка нишка во известувањето, и тоа пред се заради тоа што не се разбираат поимите. Јас не сакам да прејудицирам дека новинарките и новинарите на кои им се испушта да манифестираат извесен националистички, анти-мултикултуралистички став или позиција, туку затоа што некои работи едноставно не се знаат. Знаете, сите ние имаме предрасуди за кои и самите не сме свесни дека ги имаме, и треба да се работи на себе.
Се работи за следново, една работа е да имате политичка волја, или пак уредувачка медиумска, интелектуална волја, човечка волја, да придонесете кон развојот на медиумите во смисла на промоција на мултикултурализмот како едно од основните европски вредности, а друга работа е да имате волја да научите нешто за тоа, да седнете да научите, да ги научите практиките, да видите што значи тоа во филозофска, во општествена, во друга смисла на зборот, па и во смисла на меѓучовечки односи, односи меѓу заедниците. И заради тоа, кога се наоѓате во ситуација да правите медиумска продукција и да информирате, имате многу сериозна обврска. Затоа што една работа е вие да кажете – моја работа е дали јас ќе одгледам патлиџани или краставици оваа година, да, имате право да одгледате патлиџани, или краставици, или двете. Друга работа е кога тоа ќе го изнесете на пазар. Производ кој може да наштети на јавното здравје, тогаш имате одговорност. Истото е тоа, и да ја парафразирам Новозеландската премиерка, која се обрати на Фејсбук, и кажа – вие не можете да правите милијарди од тоа што го правите, од тоа што имате Фејсбук платформа или медиумска платформа, а притоа да не имате одговорност за тоа што се има на вашата платформа, и што се може да предизвика во општеството…тоа го кажа по страотниот трагичен инцидент, во кои загинаа десетици луѓе во Нов Зеланд, од еден терорист пред некоја година.
Имате обврска да ја сфатите својата одговорност, и како такви да учествувате во медиумскиот или во јавниот сообраќај. Една работа е многу битно да се запомни, а тоа е дека во светот и во Европа постојат најмалку два различни модели, во кои општеството, односно државата ги регулира овие прашања. Имате еден концепт кој е најпроминентен, најдобро развиен во Соединетите Американски Држави, каде што одговорноста, потребата да се промовира мултикултурализмот, значи не е само европска вредност мултикултурализмот, е според таканаречениот модел laissez-faire, што значи, да се препушти на настаните, на околностите во општеството, додека во Европа, имате државен интервенционизам. И двете имаат и добри, и лоши страни.
Во Македонија, имате ситуација во која државниот интервенционизам е зависен од политичката волја на оној што е на власт, иако често пати знае да биде обратно од она што го промовира Уставот, односно, што го регулира уставот и законите. Па така, вие имавте еден режим во кој единаесет години се беше по Устав и по закони, на хартија, меѓутоа, во пракса, имавте едно крајно националистичко однесување, и на власта, и на институциите, и на систематско насилство и репресија, и тоа се реперкуираше и во медиумите, тешко после тоа можете да видите практика во медиумите во Македонија да промовираат мултикултура, од некоја изворна генеричка или пак навистина определба која ја прифатиле уредниците, газдите итн. Интервенционизмот во медиумите, во поглед на промовирање на општествени теми како што е мултикултурализмот, подразбира буџетирање, подразбира политики, подразбира едукација, јакнење на јавната свест. Мислам дека во Македонија има голема потреба во тоа, меѓутоа мора подобро да се елаборира, подобро да се разбере, и, што е најважно, мора да се внимава тоа да не стане уште еден начин на развој на клиентелизам меѓу медиумите и власта, изјави Џабир Дерала на панелот на ЦИВИЛ „Мултикултурализам и европски вредности во медиумите“.
Екипа ЦИВИЛ
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Биљана Јордановска