Од 1 октомври недела ќе стане неработен ден. Ова е предвидено со измените на законите за работни односи и за трговски друштва што Владата ги усвои на својата денешна седница.
Измените, како што појасни премиерот Зоран Заев на попладневната прес-конференција, се донесени во инклузивен процес со работодавачите и со синдикатите.
– Ова е ветување што Владата ги имаше како приоритет во програмата. Со ова се прави исчекор кон унапредување на работничките права и продолжување на поддршката за работниците, истакна Заев, додавајќи дека посебна грижа е водена за оние работници кои ќе работат во недела.
Предвидени се исклучоци за оние дејности кои не можат да го прекинат работниот процес. Работниците во овие дејности кои ќе работат и во недела ќе добијат дневница најмалку 50 проценти повисока од редовната дневница и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена.
Имплементацијата на законот ќе биде следена од Инспекторатот за труд. Работодавачите кои ќе работат во недела ќе мора тоа да го пријават во ДИТ.














