Мај беше месецот во кој Република Северна Македонија стана европски центар на интерес и на дипломатски активности. Беше исполнет со мноштво настани, средби, изјави за проблемот што соседна Бугарија и го наметна на земјава на нејзиниот европски пат. Катадневно можеме да упатуваме на тоа дека политиката може и мора да биде во функција на човечноста наспроти политиканствата, наспроти лагата и пизмата.
Каде се добрите вести? Ги има ли воопшто или од медиумите и социјалните мрежи испаруваат како ситен дождец на врелиот летен асфалт? Зошто ги нема, зошто толку бргу се губат во мноштвото информации чии содржини се конфликти, омраза, лаги, политикантства?
Деновиве на Македонија ѝ се случи трета трансплантација на срце. Трето човечко срце чука за трет човечки живот. Запамтивме ли барем по некое име од лекарскиот, од медицинскиот тим? Дознавме ли по нешто за овие наши херои, за нивната ука, за нивните предизвици, желби, амбиции, за нивните емоции и животни погледи? Или и овој нивен подвиг се загуби во цунамито од вести исполнети со конфликти и пизми. Со политички подметнувања и надмудрувања кои катадневно безмилосно го преокупираат сето наше внимание и поради што од мрачната корија не го забележуваме ниту дрвото што цути.
Зоран Иванов, 7 јуни 2021 во анализата Меѓу животот и политиката