ВЕСТ НА ДЕНОТ
Заев: Ја поддржуваме Резолуцијата, но уставното име на државата мора да се почитува
СДСМ ја поддржува Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и целосно стои зад заштитата на македонскиот јазик и идентитет, но Уставот во однос на името на државата мора да се почитува, рече денеска премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Заев напомена дека во документот, секаде каде што се наведува името на државата, треба да стои Република Северна Македонија.
-Ако некој сака да го избегне уставното име, нека го прави тоа сам, ние тука нема да партиципираме. Нема да го кршиме Уставот. Уставното име на државата е Република Северна Македонија. Ја поддржуваме Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе застанеме зад неа, на сите да им биде јасно дека сме сите заедно застанати во заштита на македонскиот јазик и идентитет, но тоа не значи дека треба да го кршиме Уставот, напомена Заев.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Дали различностите се богатство или проклетство во нашето општество? На ова прашање одговара м-р Иван Дургутов, активен член на Европското здружение на студенти по право (ЕЛСА) и колумнист во Фронтлајн.мк.
„Различностите во оваа земја може да се само богатство никако не може да се проклетство. Да се има различности во повеќе погледи во територијата на една земја, историски, во сегашноста и во иднината може да претставува само богатство. Ако видиме, има многу работи кои всушност нè прават слични отколку различни, всушност сфаќаме дека тие различности не се толку големи…“, истакна Дургутов.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Спроведување на пописот во септември, работилници на ЦИВИЛ во Штип и Гостивар, панел дискусија на тема „Кој и зошто организира и спроведува црни кампањи против невладините организации?“, 26 години од геноцидот во Сребреница се дел од темите на ова издание на ЦИВИЛ Седум.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани, своите членови, поддржувачи, активисти да ги посетат инфо –штандовите на ЦИВИЛ, утре во Куманово и Кратово посветени на промоција на европските вредности, недискриминацијата и мултикултурализмот.
Граѓанките и граѓаните заеднички со тимот на ЦИВИЛ, во директна комуникација, ќе имаат можност да ги споделат своите размислувања и ставови во однос на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата.
„Дали различностите се богатство или проклетство“, е прашањето на ЦИВИЛ на кое одговори активистот Фари Хисени.
„Сакам да истакнам дека ако нашето општество се одликува по нешто, тоа е богатството од различности, богато со многу различни групации, многу различности. Колку се почитуваат овие различности, зависи од кој агол гледаме. Бидејќи во нашата земја различностите најчесто се позитивно богатство, кое треба да се негува и да се извлече поука од различните култури и бекграунди.
Поделбата помеѓу културите, групите и заедниците во општеството доаѓа од меѓусебното непознавање, бидејќи во моментот кога две личности со различни потекла разменуваат искуства од културните елементи што ги поседуваат, тогаш пречките и разликите се надминуваат. Но, кога немаме желба да се запознаеме меѓу себе, тогаш создаваме предрасуди за другите и ги дискриминираме.“, порачува Хисени.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СОЦИЈАЛНА ПРАВДА Владата на денешната седница донела одлука за законски измени на т.н. Закон за стечајци, со кои ќе се овозможи уште 1.100 стечајци, кои имаат најмалку 14 години работен стаж во претпријатија со доминантна државна сопственост, да добијат право на месечен надоместок до вработување или пензионирање. Досега за право на надомест можеа да аплицираат граѓани кои имаа најмалку 15 години работен стаж.
ЕКОНОМИЈА Се додека Собранието не ги донесе потребните законски измени за намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 отсто, домаќинствата ќе ги плаќаат сметките со постојната ставка на ДДВ од 18 отсто која е сега на сила, потврди денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
ОБРАЗОВАНИЕ Министерството за образование и наука заедно со Швајцарската амбасада и со швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија“(Е4Е@мк) на работилница ги планира активностите за следните пет години за вложување и развој на средното стручно образование во земјава.
ДИЈАЛОГ Зоран Заев се согласува со претседателот на Бугарија Румен Радев за потребата од дијалог меѓу Скопје и Софија, очекува исчекор од новата бугарска влада.












