Жител на штипското село Селце се сомничи за предизвикување на пожар на планината Серта. Се работи за пожарот што на 6 август 2021 година избувна помеѓу селата Драгоево и Селце.
Според соопштението на СВР-Штип, 43-годишниот од штипско Селце се сомничи дека го предизвикал пожарот на планината Серта.
СВР-Штип информираат дека вчера, во 14 часот, по наредба на Јавен обвинител, во Полициската станица Штип, во врска со пожарот што се разгоре на 6 август 2021 год. помеѓу селата Драгоево и Селце, штипско, на разговор бил повикан Е.Е. од село Селце.
“По наредба на Јавен обвинител од лицето биле одземени и дадени на вештачење предмети за кои постои сомнение дека биле користени при извршување на делото. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава”, се вели во соопштението на СВР-Штип.
Пожарот се активираше во неделата и гореше на врвот од високиот рид, до којшто никој не можеше да пристапи. Пожарот е изгаснат вчера, во текот на претпладневните часови.
Претходно, според известувањата на МВР, во последниве денови кога земјата се соочува со повеќе пожари, приведени се или осомничени уште 13 други лица за намерно или ненамерно предизвикување пожар.












