Во Авганистан се уште има околу 100 наши државјани, но засега сите се на безбедни локации, соопшти попладнево Министерството за надворешни работи. Според последните информации на МНР, компаниите кои ги ангажираат работниците, не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен.
Во последните 24 часа, на дежурните телефони во МНР се јавиле неколку граѓани кои имаат роднини или пријатели во Авганистан и се интересирале за состојбата таму, но не побарале асистенција за нивно извлекување.
Од МНР нагласуваат дека будно се следи ситуацијата и дека некои држави веќе изразиле подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат опфатени и македонските државјани.
„Од вчерашната инструкција на нашата дипломатска мрежа за контакт со соодветните министерства за надворешни работи во земјите на нивно покривање, денес дел од амбасадите и конзулатите веќе се стапени во контакт и некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија“, соопшти МНР.
МНР информира дека будно ја следи состојбата во Авганистан, за што е формирана е и посебна работна група во рамките на Министерството.
„Остануваме во постојан контакт и со амбасадите акредитирани во земјава, чии матични држави имаат логистичко присуство во Кабул, од каде постојано добиваме информации за состојбите на терен“, соопштија од МНР.