Од денеска стапува во сила новиот Закон за заштита на личните податоци, донесен во февруари годинава, кој беше со одложена примена за да им се даде можност на компаниите и институциите во земјата да се прилагодат на промените. Со примената на овој Закон се изврши усогласување со Општата регулатива за заштита на личните податоци 2016/679 на Европскиот парламент и на Советот од 27 април 2016 година за заштита на физички лица во поглед на обработката на лични податоци.
-Имајќи ги предвид новите предизвици во однос на основните човекови права и слободи кои се појавуваат секојдневно, конкретно на правото на приватност и заштитата на личните податоци, а со цел што подобро да се адресираат предизвиците во областа на приватноста кои произлегуваат од зголемената употреба на новите информациско/информатички технологии и глобализацијата во однос на обработката на личните податоци, во Република Северна Македонија почнувајќи од 24 август 2021 година, започнува со целосна примена новиот Закон за заштита на личните податоци, наведуваат од Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП).
Компаниите и претставници на институции и организации од земјите од ЕУ во Северна Македонија и досега работеа во согласност со Европската регулатива односно со нашиот закон, којшто во целост е усогласен со овој документ.
Новиот закон, носи многу промени, а меѓу нив е тоа што секоја компанија, без разлика дали е мала, средна или голема, или институција или организација ќе мора да има офицер за заштита на лични податоци, а заштитата на податоците ќе биде на повисоко ниво од досега со тоа што контролорот на податоците ќе мора да преземе соодветни активности за подобрување, надградба и прилагодување на својот воспоставен систем за заштита на личните податоци.