Институтот за комуникациски студии (ИКС) денеска организираше јавна расправа за Предлог законот за минерални суровини којшто е во собраниска процедура. Претставници на невладини организации изнесоа забелешки за законот кои според најавите ќе бидат доставени до Собранието во форма на амандмани.
Претставникот на ИКС, Дејан Андонов во своето излагање истакна дека дебатата е од причина што Министерството за економија предлог законот не го поставило на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) за јавноста да може да ги даде своите забелешки и коментари.
– Ние како алијанса за застапување и лобирање „Разбистри се” имаме неколку клучни забелешки во поглед на постапките за давање на концесии за експлорација на минерални суровини за кој сметаме дека се уште не се доволно транспарентни особено за локалните жители кој што најмногу ги чувствуваат последиците од прекумерното искористување на природните ресурси. Ископувањето на песок и чакал се уште се смета за бизнис дејност и е оставено за остварување на бизнис интереси непочитувајќи до крај еколошките параметри. Исто така, забелешка имаме и во однос на хидро јаловиштата во градските комплекси, рече Андонов.
Активистката од 02 Иницијативата, Татјана Чакулева, по однос на овој предлог закон истакна дека тој се уште е комплетно затворен и нетранспарентен во однос на учеството на јавноста, односно „не се прифаќаат забелешките, се доделуваат концесии без учество на јавност, се носат одлуки без можност да се дадат забелешки и слично.
– Концесиите се издаваат, рокот за издавање на концесии за метални суровини е 30 години и откако ќе се издадат јавноста дознава. Локалното население кое живее околу местото на концесија кое е веќе издадено дознава отпосле. Потоа битките се ужасни долги, односно битката потоа е скоро невозможна како е што случајот со Јеловица, се води постапка пред Управен суд, кој потоа ги уважува жалбите, кажа Чакулева.
Барањата и одлуките, дополни таа, се носат во еден затворен круг. – Законот дефинира некој јавен интерес. Според законот, јавен интерес е експлоатација на нашите рудни богатства (минерални суровини), меѓутоа јавниот интерес не може биде во ситуација кога ние имаме приватни сопственици и на рудници кој ги ископуваат рудните богатства кој се од општ интерес како што се дефинирани во законот, меѓутоа тие се од општ интерес приватници ги ископуваат, приватници ги продаваат и негативните ефекти остануваат кај нас. Во овој закон многу обратно се ставени работите што е тоа јавен интерес и исклучување, рече Чакулева.